Авиосообраќајот во Македонија бележи значителен раст, а според вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, резултатите се должат на политиката на субвенционирање на авиолиниите, која е креирана во 2024, а почна да се применува во 2025 година.
Николоски посочи дека бројот на патници на двата македонски аеродроми континуирано расте. Во јули годинава сообраќајот бил зголемен за 21 отсто во споредба со истиот месец лани, додека во август растот достигнал 31 отсто.
„Кога бевме избрани, вкупната фреквенција на сообраќај на двата аеродроми заедно беше некаде околу 2 милиони и 400 илјади. Јас очекував до крајот на првиот мандат на оваа влада на ВМРО-ДПМНЕ некаде околу 3,2 – 3,3 милиони патници, а веќе стигнавме за една година на 3 милиони патници и оваа година е само прашање на среќа, буквално на десеттина илјади патници, дали ќе стигнеме до 4 милиони патници“, изјави Николоски.
Тој додаде дека Македонија, со население од околу 1,8 милиони жители, би можела да достигне 4 милиони патници годишно на двата аеродроми.
Според него, значаен е и фактот што Македонија го снабдува приштинскиот аеродром со керозин, како и голем дел од потрошувачката на нишкиот аеродром.
Николоски посочи и дека Скопскиот аеродром е третата најголема база на „Визер“, а авионите кои преноќуваат на скопскиот аеродром се од типот „Ербас А321 Нео“.
Раст е забележан и на Охридскиот аеродром, каде што, според најавите на Николоски, постои можност „Визер“ да ја прошири својата база со уште еден авион.
„Концесијата кога е дадена, во неа пишуваше дека до 2030 година Охридскиот аеродром ќе достигне 130.000 патници. Значи тоа го определил концесионерот и државата. Оваа година Охрид ќе помине 350.000–400.000 патници, со многу голема шанса да го замине Нишкиот аеродром“, рече Николоски.
Вицепремиерот најави и дека се прецизира отворањето на авиолинијата Скопје – Дубаи.
Според него, воспоставувањето на оваа линија би било значајно за македонските компании, имајќи предвид дека дел од големите бизнис-саеми и деловни активности се префрлаат во Обединетите Арапски Емирати.
„Дубаи е одлична дестинација. Одлична што голем дел од бизнисот веќе се сели во Обединетите Арапски Емирати, зборувам од европскиот бизнис. Оние големи саеми каде што се претставуваат производители веќе мигрираат кон Дубаи, што многу ќе значи за македонските производители од една страна. Од друга страна, очекуваме сè повеќе туристи од Обединетите Арапски Емирати и во Скопје“, истакна Николоски.
