Проблемот со престојот на македонските професионални возачи во Шенген-зоната сè уште нема системско решение, а Владата се обидува да го надмине преку билатерални договори со европските држави. Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски денеска ги повика германските бизнисмени да помогнат со лобирање кај тамошните власти, нагласувајќи дека ограничувањата директно влијаат врз транспортот на стоки и реализацијата на инвестициите.
„Можеме да зборуваме доста за инвестиции, да разменуваме мислења, ама на крајот на денот, ако стоката што се произведува тука и во целиот регион не може да стигне до крајната дестинација, тогаш сè е бескорисно“, изјави Николоски на средбата со членовите на Македонско-германското стопанско здружение во Скопје.
Тој посочи дека македонските камионџии веќе 11 месеци се соочуваат со проблеми поради правилото според кое професионалните возачи во најголем дел од земјите во Шенген-зоната, меѓу кои и Германија, се третираат како туристи. Тоа значи дека можат да престојуваат најмногу 90 дена во период од 180 дена.
Според Николоски, Европската комисија уште во февруари излегла со нова визна стратегија, во која професионалните возачи се препознаени како посебна категорија, слично како пилотите и машиновозачите. Сепак, тој оцени дека досега нема значителен напредок во спроведувањето на овие промени на ниво на Шенген-зоната.
Бидејќи сè уште нема заедничко европско решение, Владата започнала преговори со одделни држави за склучување билатерални договори што би им овозможиле на македонските возачи полесно да ги извршуваат своите работни обврски.
Николоски информираше дека Швајцарија и Хрватска веќе издаваат билатерални визи за возачите, додека разговорите со Германија, Словенија, Австрија и Унгарија се во напредна фаза.
„Се надевам дека и Германија ќе го направи тоа и на тој начин ќе можеме да го решиме овој проблем. За да можеме доминантно да го користиме друмскиот сообраќај, оние што го вршат превозот треба да можат да стигнат до крајната дестинација и да се вратат дома“, рече вицепремиерот.
Тој побара поддршка од германската деловна заедница, посочувајќи дека Германија и другите европски земји со кои се водат преговори се значајни транспортни правци за македонските компании. Од Македонско-германското стопанско здружение оцениле дека можат да помогнат во надминувањето на проблемот.
Осврнувајќи се на можностите за железнички транспорт, Николоски истакна дека железничките проекти не можат да понудат брзо решение, бидејќи за нивната реализација ќе бидат потребни од три до седум години. До тогаш, друмскиот транспорт ќе остане доминантен во превозот на стоки.
Министерот се осврна и на цените на транспортните услуги, отфрлајќи ги оцените дека ограничувањата се воведени со цел странските транспортни компании да го преземат македонскиот пазар.
„И излезе дека не е така, особено што нивната цена е шест до осум пати, не шест до осум отсто, туку 600 до 800 отсто повисока од онаа на домашните компании“, нагласи Николоски.
