Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски во Топ Тема на Телма изјави дека Владата инвестира меѓу 1,6 и 1,8 милијарди евра во изградба на автопати и експресни патишта на трасата на Коридор 8, обвинувајќи ја Демократска унија за интеграција дека во своите мандати не изградила ниту еден километар автопат.
Тој нагласи дека крајната точка на поврзување со Албанија останува граничниот премин Ќафасан, каде во моментов се работи на проширување и модернизација на инфраструктурата.
„Во моментов работиме на проширување и надградба на граничниот премин. Заедно со Светска банка очекуваме првата фаза да биде завршена за околу еден месец, по што ќе следува тендерирање за втората фаза“, изјави Николоски.
Тој посочи дека точката на поврзување со Албанија останува иста, а дилемата е трасата по која ќе се стигнува до граничниот премин. Според него, неопходно е автопатската врска да биде логично поврзана со клучната инфраструктура во регионот.
„Каков е тој автопат кој не се спојува со аеродромот и со градот Струга. Немаме два аеродроми во државата, туку еден во тој регион и мора да има соодветна поврзаност“, рече Николоски.
Тој додаде дека и покрај критиките од опозицијата, факт е дека во изминатите години не бил изграден ниту еден километар автопат, иако, како што посочи, имале раководни позиции во институциите задолжени за државните патишта.
