Николоски: Душмански е да го прекинам договорот – од Бехтел и Енка ќе се бараат повеќе километри за истата сума на пари

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Ќе бараме во договорот со Бехтел и Енка да имаме повеќе километри автопат за истата сума, најави министерот за транспорт и врски Александар Николоски откако пред еден месец Мицкоски, тогаш како мандатар, најави дека за проектот Бехтел и Енка најверојатно ќе се оди на репреговарање. Николовски рече дека досега е одржана една средба со претставниците на конзорциумот Бехтел и Енка на која било разговарано договорот да се декласифицира, но не кажа конкретно што е разговарано околу изведбата на делниците од Коридорите 8 и 10Д.

„Мислам дека во рамките на договорот и рамката која што е поставена дефинитивно Македонија може да добие повеќе километри автопат од тоа што е потпишано. И тоа ќе е нашата главна битка во годините кои што следуваат да добиеме повеќе километри автопат во рамки на истата финансиска сума која што е договорена. И мислам дека ќе биде недомаќински однос кон македонскиот буџет ако сакате и душмански да јас сега го прекинам договорот а тие средства се веќе кај изведувачот и нормално не може да се вратат, изведувачот може и да тужи и да побара арбитража“, вели Александар Николоски.

Иако претходно обвинуваа дека со овој договор има голем криминал, го прашавме Николоски дали кога седна на неговата функција најде некаков криминал, тој само одговори дека за тоа Државниот завод за ревизија има извештај. Токму за ова реагираа и од СДСМ.

„Христијан Мицкоски велеше дека Договорот со Бехтел и Енка е историски криминал. Во бројни изјави речиси хистерично ВМРО-ДПМНЕ велеше дека Договорот е штетен и дека е пљачка на народот. Денеска Александар Николовски се тоа го фрли во вода, пу пу не важи. Од денеска ВМРО-ДПМНЕ и Владата на Христијан Мицкоски ќе го реализира истиот Договор. Почетокот на мандатот на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ покажува дека едно зборуваа како опозиција сега прават друго“, велат од СДСМ.

За изведбата на Коридорите 8 и 10 Д и договорот со Бехтел и Енка говореше и градоначалникот на Тетово и претседател на Движење Беса Биљал Касами во денешното гостување на Дејли клик.

„Ние гарантираме дека сите дејствија на оваа Влада за реализирање на договорот со Бехтел и Енка ќе се реализираат со предвидената динамика и секако ќе биде во интерес на граѓаните. Овој проект кој што чини многу за буџетот на Северна Македонија, треба што побрзо да се реализира и да не се повтори судбината на другиот сегмент на Коридорот 8, Кичево – Охрид или Кичево – Струга“, вели Биљал Касами.

Николовски воедно зборуваше и за автопатот Кичево – Охрид кој е започна да се гради пред нешто повеќе од 10 години, а досега ниту една Влада не успеа да го заврши. Иако, како што рече, тој автопат има бројни проблеми, Николовски ветува дека ќе биде готов до крајот на 2026 година.

„Има бројни проблеми, ние ги детектираме во моментов дел се поврзани со експропријација, дел се поврзани со проектирање на косини, дел се поврзани со објекти кои што се на самата траса, пред се бензински пумпи кои што треба да се дислоцираат. Како ќе правиме, ќе правиме, ветувањето кое што го дадовме дека до крајот на 2026 година ќе има функционален автопат, тоа го напишавме во нашата програма ќе го реализираме и до крај на 2026 година Охрид- Кичево ќе биде завршен“, порача Александар Николоски. 

Пред две недели Државниот завод за ревизија излезе со извештај за изградбата на Коридорите 8 и 10Д во кој наведе дека конзорциумот Бехтел и Енка не ги гради автопатите според планираната динамика. Во однос пак на изградбата на автопатот Кичево Охрид оценија дека тој проект е проблематичен бидејќи од првичниот износ од 411 милиони евра, сумата пораснала за 45 проценти и сега е со вредност од околу 590 милиони евра.