Николоски: Има луѓе за дијалог во Софија – Керемедчиев: Дијалогот треба да се води со Брисел

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Како мешање во внатрешните работи на земјава, вицепремиерот Александар Николоски, го оцени барањето на бугарските политичари за негова оставка. Тој, во телевизиско интервју, вели дека сите изјави што ги дал изминатиов период за властите во Софија се координирани со премиерот Мицкоски. Николоски смета дека и покрај заострената реторика, ќе има со кого во Бугарија да се води дијалог за деблокада на евроинтегративниот процес, бидејќи, „таму ќе дувале нови ветришта“.

„Во Бугарија апсолутно има со кого да се разговара, ама тоа не се овие 20 луѓе коишто се во моментов, од коишто десет се политичари коишто тонат и десет се историчари коишто не можат да се пронајдат себе“, изјави Александар Николоски, вицепремиер.

Аналитичарот и поранешен заменик министер за надворешни работи на Бугарија, Милен Керемедчиев вели дека дијалогот ќе треба да се води со Брисел.

„Тоа што во моментов политичарите во Северна Македонија се концентрираат на тоа да има антибугарска реторика, по никаков начин нема да го смени започнувањето на преговарачкиот процес, затоа што нема како Бугарија да отстапи од барањата кои во моментов не се бугарски, туку европски“, изјави Милен Керемедчиев, аналитичар.

Според него, актуелната власт во Македонија ја оддалечува земјата од стартот на преговорите и тој прогнозира дека тие нема да започнат во следниве години.

„Оваа Влада на Северна Македонија не сака својата земја да стане членка на Европската Унија во блиска иднина. Прави се што е возможно да ги искористи и односите со Бугарија, како оправдување затоа што нивниот пат е повеќе за поблиска интеграција со Србија, Кина, Русија, со Унгарија“, изјави Милен Керемедчиев, аналитичар.

Керемдчиев сепак додава дека и бугарските политичари треба да внимаваат на својот говор, особено во предизборието. Бугарите кон крајот на месецов ќе гласаат на седми парламентарни избори за период од три години, а Скопје очекува да се формира стабилна политичка влада за дијалог.