Николоски од Брисел: Изградбата на автопатите и железницата се стратешки приоритет за Македонија

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Македонија интензивно работи на модернизација на патната и железничката инфраструктура долж европските коридори 8 и 10, со инвестиции во автопати, железници, гранични премини и интелигентни транспортни системи. Ова го истакна заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски, на глобалниот настан „Денови на поврзување на Европа“ во Брисел.

Говорејќи на панелот посветен на Западен Балкан и Источниот Медитеран, Николоски го нагласи значењето на Коридорот 8 и инвестициите што се реализираат долж неговата траса.

На источниот дел од Коридорот 8, како што посочи, се работи на изградба на автопатишта и железница. Првата делница од железничкиот дел е завршена, втората е во изградба и се очекува да биде готова до крајот на 2028 година, додека за третата делница, која е најсложена, започната е постапка за избор на изведувач.

Делницата е долга 23,1 километар, но околу 75 проценти од неа отпаѓаат на објекти, односно повеќе од 20 тунели и 56 мостови. Таа треба да се поврзе со заедничкиот прекуграничен тунел со Бугарија, за кој двете земји имаат потпишано меѓувладин договор.

Според Николоски, доколку активностите се одвиваат според планираното, до 2031-2032 година би требало да се воспостави целосна железничка врска меѓу Скопје, Софија, Бургас, Варна и Одеса.

На западниот дел од Коридорот 8, пак, се работи на реконструкција на постојната железница и изградба на делот што ја поврзува Македонија со Албанија. Николоски оцени дека со координирана работа меѓу двете земји може да се постигне целосна патна и железничка поврзаност, која би овозможила патување од Драч до Бургас и Варна преку Скопје.

Во однос на Коридорот 10, Николоски информираше дека се работи на изградба на двоколосечна брза железничка пруга, наменета за патнички возови со брзина од 160 до 200 километри на час и товарни возови до 120 километри на час.

Паралелно се работи и на модернизација на граничните премини преку воведување зелени ленти и проширување на прекуграничните врски со Албанија и Бугарија, како и на воведување интелигентни транспортни системи.

„На Коридорот 10 работиме на првиот целосно дигитален автопат со воведување Интелигентен транспортен систем (ИТС) во соработка со ВБИФ“, рече Николоски.

Тој се осврна и на новата автопатска врска со Косово, како дел од Коридорот 6, која треба да го поврзе Скопје со Приштина, Драч и пристаништето Бар. Според најавите, изградбата треба да биде завршена за три години.

Во областа на железничкиот сообраќај, Николоски најави и активности за воспоставување заедничка железничка врска со Косово, со можност следната година да биде воспоставена меѓуградска железничка линија Приштина-Скопје, со времетраење на патувањето од околу 50 минути.

Николоски информираше и дека се набавени 150 нови електрични автобуси, додека во тек е постапка за набавка на пет електрични локомотиви и пет до седум патнички возови.

Тој најави и дека за околу десет дена треба да започне изградбата на новиот автопат Букојчани-Кичево.