„Ја подобруваме поврзаноста со регионот и ЕУ преку инвестиции во унапредување на инфраструктурата на граничните премини и забрзување на постапките при истовремена ефективна контрола. Истовремено ја зајакнуваме и регионалната и меѓународната соработка која е клучна за размена и мечирање на податоци во синџирот на меѓународната трговија. На овој начин го трасираме патот напред, при што нашата интенција е забрзана интеграција во единствениот пазар на ЕУ и подобрување на конкурентноста на македонската економија“.
Ова беше клучната порака на директорот на Царинска управа, Бобан Николовски, на дводневниот состанок на високо ниво во Будимпешта „Зајакнување на регионалната царинска соработка“ на којашто присуствуваа директорите на царините од Западен Балкан и земјите-членки на ЕУ. Настанот е организиран под покровителство на Националната даночна и царинска агенција на Унгарија во рамки на Унгарското претседателство на Советот на ЕУ. Истиот беше отворен со видео порака од еврокомесарот за проширување на Оливер Вархеј кој потенцира дека интеграцијата е многу значајна во процесот на проширување и оти царинските управи имаат клучна улога во овој процес.
На настанот од страна на учесниците беше потенцирано дека интеграцијата во единствениот пазар на ЕУ, соработката помеѓу царините во делот на воспоставување зелени коридори и размена на податоци и предвидливата бизнис клима обезбедува стабилност и раст на економиите.
Директорот Николовски притоа потенцира дека голем дел од постигнувањата се овозможени благодарејќи на силната поддршка на Европската Унија.
„Благодарение на силната поддршка од ЕУ, во моментов работиме на неколку проекти со ИПА грант и национално кофинансирање. Интензивно работиме на отпочнување на проект за автоматизација на терминалите и реконструкција на граничен премин Делчево. Воедно во моментов работиме на воспоставување на нови гранични премини со Бугарија – Клепало и со Грција- Маркова Нога. Паралелно работиме на имплементација системот за регистрација и идентификација на економските оператори ЕОРИ 2 чија цел е воспоставување единствен систем за регистрација и идентификација на економските оператори“, истакна Николовски.
Во делот на соработката со Царините на другите земји Николовски истакна дека со Бугарија и Грција веќе се договорени билатерални средби на кои ќе се дискутира за прашања кои се од клучно значење за забрзување на трговијата. Воедно истакна дека денеска ќе биде потпишан и Протокол за елекронска размена на податоци преку SEED со Црна Гора.
На настанот Николовски се осврна и на проектите што ги имплементира Царинската управа во рамки на проектот на Светска банка за олеснување на транспортот и трговијата во Западен Балкан.
Директорот притоа истакна дека во моментов највисок приоритет е финализирање на имплементација на Новиот компјутеризиран систем – Фаза 5, а интензивно се работи и на новиот Царински закон со цел усогласување со царинскиот закон на ЕУ, се со цел подобрување на условите за водење бизнис и побрза интеграција во единствениот пазар на ЕУ.