Товарниот сообраќај на австрискиот дел од реката Дунав е речиси целосно прекинат поради екстремно ниското ниво на водата, соопшти австриското Министерство за иновации, мобилност и инфраструктура.
„Товарниот превоз практично е запрен, додека сообраќајот на речните крстосувачи е значително ограничен“, се наведува во соопштението на Министерството.
Поради сушата и нискиот водостој, на делови од Дунав каде што нема хидраулични конструкции нивото на водата е околу 60 сантиметри, што е под долгорочниот просек за периоди со низок водостој. Во долината Вахау, во Долна Австрија, пловниот канал во моментов има длабочина од околу два метри, додека источно од Виена длабочината на водниот пат е околу 1,8 метри.
Сегашната состојба потсетува на претходните големи сушни периоди, особено во 2003 и 2018 година, кога Дунав се соочи со рекордно ниски нивоа на водата.
Последиците веќе се чувствуваат врз транспортниот сектор. Обемот на превоз на австрискиот дел од Дунав е намален за 25,1 проценти – од 9,6 милиони тони на 7,2 милиони тони. Поради продолжениот период на низок водостој, се очекува дополнително намалување на транспортот.
Иако пловниот пат официјално не е затворен, властите предупредуваат дека товарните бродови мора значително да го намалат товарот за да можат безбедно да пловат.
Австриското Министерство посочува дека во вакви услови пренасочувањето на стоката кон железничкиот и патниот транспорт може да стане поекономична и посигурна алтернатива.
Експертите предупредуваат дека ваквите екстремни временски услови стануваат сè почести и претставуваат сериозен предизвик за европските речни транспортни коридори.
