Нотарски денови 2026, Шасивари: Нотаријатот – еден од столбовите на правниот систем и гарант на правната сигурност на граѓаните

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Министерот за правда, Јетон Шасивари, денеска присуствуваше на отворањето на „Нотарски денови 2026“ во организација на Нотарската комора, на дискусијата на тема „Расправање оставина: помеѓу законската рамка и нотарската практика“.

Во обраќањето, Шасивари го истакна значењето на нотаријатот како еден од столбовите на правниот систем и гарант на правната сигурност на граѓаните. Тој истакна дека работата на нотарите има директно влијание врз заштитата на сопственичките права, семејните односи и сигурноста на правните трансакции.

Шасивари рече дека довербата на граѓаните е најголемиот капитал на институциите, а вршењето на нотарската професија, покрај правната стручност, бара интегритет, независност, професионална етика и високо ниво на одговорност.

Министерот заправда информираше дека Министерството за правда, во рамки на претстојните реформи и процесот на европска интеграција, ќе посвети особено внимание на унапредувањето на законската регулатива во областа на нотаријатот, нејзиното усогласување со современите стандарди и дигитализацијата на постапките и услугите.

Според него, дигитализацијата треба да овозможи побрзи постапки, помалку административни пречки, пониски трошоци, поголема транспарентност и полесен пристап на граѓаните до правните услуги.

Во таа насока, Шасивари нагласи дека Нотарската комора ќе биде важен и рамноправен партнер на Министерството за правда, бидејќи одржливите реформи не се реализираат само преку законски измени, туку и преку тесна соработка со професионалците кои секојдневно ги применуваат законите во практика.

„Правната сигурност ја гради довербата, професионалноста ја штити, а одговорноста ја прави правдата опиплива за секој граѓанин“, истакна министерот Шасивари.