Научниците идентификуваа нов вид џиновски диносаурус со долг врат, двојно поголем од Тираносаурус рекс, врз основа на остатоци ископани во Тајланд. Наречен Нагатитан, тој е најголемиот диносаурус некогаш пронајден во Југоисточна Азија и припаѓал на група тревопасни животни со долг врат познати како сауроподи, објавува Би-Би-Си.
Со проценета тежина од 27 тони, што е еквивалентно на тежината на девет возрасни азиски слонови, и должина од 27 метри, бил дури и подолг од познатиот Диплодокус. Живеел пред околу 100 до 120 милиони години, околу 40 милиони години пред Тираносаурусот.
Откритие по десет години
Видот е идентификуван од тим истражувачи од Обединетото Кралство и Тајланд врз основа на фосили пронајдени пред една деценија во близина на езерце во североисточен Тајланд. Научниците велат дека откритието фрла нова светлина врз тоа како промените во античките климатски услови можеби влијаеле врз еволуцијата на џиновските диносауруси.
Целосното име на диносаурусот е Нагатитан чаијафуменсис. „Нага“ се однесува на суштество слично на змија од фолклорот на Југоисточна Азија, „титан“ на божества од грчката митологија, додека „чајафуменсис“ значи „од Чајафум“, покраината каде што се откриени фосилите.
Последниот тајландски титан
Титивут Сетапаничакул, тајландски докторант на Универзитетскиот колеџ во Лондон (UCL) и главен автор на студијата објавена во списанието Scientific Reports, рече дека нагататитан бил наречен „последен титан“ на Тајланд. Причината е што фосилите се пронајдени во најмладата карпеста формација во земјата што содржи остатоци од диносауруси.
„Помладите карпи што биле таложени кон крајот на ерата на диносаурусите веројатно не ги содржат нивните остатоци бидејќи регионот дотогаш станал плитко море. Затоа, ова би можело да биде последниот или најновиот голем сауропод што ќе го најдеме во Југоисточна Азија“, објасни тој.
Сетапаничакул, кој се опишува себеси како „дете лудо по диносауруси“, во изјава од UCL рече дека студијата „исполнила детско ветување да именува диносаурус“.
Богато место и влијание врз климата
Нагататан е 14-тиот диносаурус именуван во Тајланд. Палеонтологот д-р Сита Маниткун од Универзитетот Махасаракам изјави дека земјата има широк спектар на фосили од диносауруси и е „веројатно трета најбогата во Азија во однос на остатоци од диносауруси“.
Нагататан живеел во период кога нивоата на јаглерод диоксид во атмосферата се зголемувале, а глобалните температури биле високи. Коавторот на студијата, професорот Пол Апчерч од UCL, изјави за National Geographic: „Малку е необично што сауроподите можеле да се справат со повисоки температури“, бидејќи големите тела потешко ја задржуваат топлината и се ладат.
Тој изјави за новинската агенција Ројтерс дека „веројатно е дека високите температури влијаеле на растителната храна што била важна за сауроподите, со оглед на тоа што тие биле многу големи тревопасни животни“.
