Нов документ меѓу Скопје и Софија – Ковачевски: Моето отстранување од фотографијата е ненамерна грешка

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Ќе значи ли иницијативата на бугарскиот премиер Кирил Петков за гаранции од Брисел и нов документ или протокол. Петков по одржаната безбедносна конференција во Минхен рече дека се планирало Скопје и Софија да достават до Европската комисија заеднички предлог кој би можел да биде и дел од преговарачката рамка, при што конкретно го посочи вметнувањето на Бугарите во македонскиот Устав. Министерот за надворешни работи Бујар Османи вели дека гаранции ни се потребни и на нас и на Бугарија, но дека не се знае како ќе биде прифатено од сите земји членки на Европската унија.

„Прво земјите членки треба да го кажат својот став, има земји членки кои што се многу сензитивни на прашањето на билатерализација на преговарачката рамка а се разбира имаме и ние точно утврдени позиции што може а што не може. Ние разговараме помеѓу двете страни, двете страни да имаме гаранции дека ова прашање, прашањата кои што ќе бидат договорени ќе бидат имплементирани. И на нас ни треба гаранција и на Република Бугарија, меѓутоа, што точно ќе има согласно португалскиот предлог или поинаку тоа ќе биде предмет на разговори“, истакна Бујар Османи.

Премиерот Димитар Ковачевски вели дека разговорите со Република Бугарија се водат во духот на европските вредности и дека во сето тоа е вклучена и Европската комисија. За објавената фотографија на фејсбук страната на Кирил Петков заедно со државниот секретар на САД Ентони Блинкен во кој тој е отстранет вели дека најверојатно е ненамерно направено.

„Веќе имаше вчера изјава од страна на прес службата на бугарската Влада дека се работи за ненамерен пропуст. Јас и премиерот Петков и нашите делегации имавме навистина одлична комуникација во рамки на Минхенската безбедносна конференција. Сакам да верувам дека одговорот кој што е даден од прес службата на бугарската влада е тој кој што е вистинскиот и дека ќе продолжиме со успешната комуникација и во иднина“, посочи Димитар Ковачевски. 

Со коментар на својот фејсбук профил се јави и премиерот на Бугарија Кирил Петков во која тој напиша дека никој нема да спречи тој и премиерот Ковачевски да напредуваат во односите и дека други прават провокации за нивните добри односи.

„Замислете како граѓаните на Република Бугарија и Република Северна Македонија уживаат меѓусебно почитување, почитување на нивните права и просперитет. Двете земји активно да го промовираат развојот на заедничките компании, да имаме растечки економии, да имаме заеднички образовни програми да немаме граница меѓу нашите две земји, да нема дискриминација, да нема говор на омраза. За многумина овие тези звучат како желба, други прават секакви провокации тоа да не се случи, трети едноставно не сакаат стабилност на Балканот. Јас и Димитар веруваме, дека тоа е можно и нема да подлегнеме на провокации. На сите злонамерни страни едноставно можам да им кажам нема да не запрете“, вели Кирил Петков.

Во однос на барањето од Бугарија за гаранции, вчера и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски истакна дека е потребен реципроцитет, односно и дека Македонија бара гаранции во процесот. Инаку, во текот на оваа недела треба да се одржи и првата заедничка средба на работните групи од Македонија и Бугарија од областа на евроинтеграциите.