Во Минхен се уапсени 38-годишен маж и 28-годишна жена под сомнение дека се обиделе да запалат пожар пред седиштето на две одбранбени компании во текот на ноќта. Цели на нападите биле технолошката група „Роде и Шварц“ и германскиот производител на дронови „Хелсинг“. Според првичните информации, штетата била минимална, пренесува „Еуроњуз“.
Полицијата била повикана околу полноќ од сведок кој видел некој како фрла запаливи направи од автомобил во движење врз градилиште. Истражителите велат дека две од направите се запалиле.
Полициска патрола која брзо пристигнала на местото го изгаснала пожарот, а пријавена е само мала материјална штета. Кратко по инцидентот, полицијата уапсила двајца осомничени. Според информациите од германскиот јавен сервис „Бајерисер Рундфунк“, станува збор за бугарски државјани.
Компанијата „Роде и Шварц“ произведува безбедносна и комуникациска технологија за владини служби и војската, додека „Хелсинг“ произведува дронови за воени операции. Детали за мотивот и позадината на нападот сè уште не се познати.
