Министерството за внатрешни работи денеска доби засилување со 496 нови полициски службеници, кои успешно ја завршија својата обука и официјално се приклучија на редовите на македонската полиција.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски соопшти дека новата генерација полицајци обуката ја завршила во обновени услови на Полициската академија. Тој најави дека од септември повторно ќе започне со работа и Средното полициско училиште „7 Мај“.
Тошковски истакна дека Министерството ќе продолжи со процесот на модернизација на полицијата преку изградба и реконструкција на полициски станици, набавка на современа опрема и нови службени возила, како и со дигитализација на услугите и имплементација на системот „Безбеден град“.
Според министерот, целта на овие инвестиции е дополнително унапредување на безбедноста на граѓаните и создавање поефикасна и помодерна полиција.
На новите полициски службеници им посака успешна, професионална и одговорна кариера во служба на граѓаните и државата.
