Нова снимка од руските пранкери, Заев тврди дека препознал дека е лажна Грета Тунберг

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Лидерот на СДСМ Зоран Заев вели дека препознал дека разговара со лажната Грета и дека повеќето време ги оставил пранкерите да зборуваат. Обидот на руските пранкери тој го нарече хибриден напад и посочи дека ј заедно со неговиот кабинет успеале да препознаат дека станува збор за лажно претставување.

„Во текот на разговорите тоа го препознавме и оставивме да зборуваат комплетно за да можеме веднаш тоа да го објавиме го информиравме и семејството на Грета Тунберг . Гледате дека во разговорите јас стојам на нашите државни ставови тогаш кога зборувам официјално и јавно, но она што е важно е што овој обид за манипулација од вакви пранкери беше веќе фатен благодарение на почитување на протоколите што ги воспоставивме после првиот ваков случај што се случи во нашата земја“, рече Заев.

Во снимката лажната Грета му вели на Заев дека наводно зборувала со Џорџ Сорос за него, потоа разговара и за мигрантите, марихуаната и бара затворање на еден од нашите аеродроми. Лажната Грета води разговор за светските лидери Трамп и Макрон наведувајќи го да ги критикува.

Грета Тунберг – Макрон е ужасен. Ги промени неговите позиции за климатските промени. Минатиот пат се однесуваше лошо, ги изневери западните вредности во полза на приближување на Истокот и оди кон руските интереси, не знам што им има ветено.
Зоран Заев – Нешто се случи таму, но се надевам дека ќе биде повеќе одговорен во иднина затоа што Франција, Германија такви држави се лидери во светот, тие мора да го водат светот. Со позитивно однесување, а не од аспект на постојано менување на позициите.

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека ова е срам за Македонија, дека Заев ги навредува светските лидери, а признава и дека го сменил името.

„Заев успеа да ја раскаже целата тажна слика на Република Македонија и неговиот однос кон државата и граѓаните. Заев во само еден таканаречен пранк, успеа да изнесе навреди кон францускиот претседател господинот Макрон, имено претседател на држава пријател на Република Македонија“, рече Димче Арсовски.

Во ноември минатата година од кабинетот на Заев како премиер, беше објавено дека откриле лажно телефонско претставување наводно со младата екоактивистка Грета Тунберг при што биле користени брендирана и-мејл адреса и со тоа закажале и разговор со Заев . И покрај сомнежите, сепак била донесена одлука да се одржи разговорот до крај. Пранкерите Владимир Кузнетсов и Алексеј Столиров се познати по нивните лажни претставувања и разговори со познати личности, особено политички лидери. Минатото лето беше објавен разговор на Заев, наводно со поранешниот украински претседател Петро Порошенко.