Нова цена на струјата, и Мицкоски и Бислимовски веруваат во минимално поскапување

НАЈНОВИ ВЕСТИ

И премиерот Христијан Мицкоски и претседателот на Регулаторна комисија за енергетика Марко Бислимовски веруваат дека нема да дојде до поголемо зголемување на цената на електричната енергија. Иако на референтната регионална берза ХуПекс (HUPX) во изминативе недели имаше зголемување на цената на електричната енергија, а производствената цена на најзначајниот енергетски комбинат во Македонија, РЕК Битола е 136 евра за мегаватчас или за скоро 56 отсто повисока од цената што Електростопанство на Северна Македонија (ЕСМ) во моментов ја продава на универзалниот снабдувач ЕВН Хоум кој не снабдува нас граѓаните, премиерот Мицкоски најави стегање на сите нивоа на работењето на домашната енергетска компанија.

„Ќе направиме се да ја оптимираме и да нема покачување на цената на електричната енергија ниту до тие три проценти, ако мора да се покачи во некој од блоковите оние повисоките во трети четврти блок, можеби таму би имало некакво интервенирање“, рече Мицкоски.

И првиот човек на Регулаторна, Бислимовски смета дека во моментов состојбите со цената на електричната енергија се стабилизираа. Него го радува дека фјучерсите за цела 2025 година се околу 115 евра за мегаватчас електрична енергија.

„Засега нема некое укажување дека ќе се случи нешто драматично да порасне цената исклучително високо.“, изјави Марко Бислимовски.

Бислимовски предупредува дека е можна дестабилизација на пазарите, пред се на гас, што би влијаело и на цената на електричната енергија, во случај на нови геополитички потреси во светот, пред се во Украина.

„Трошковно ако ги анализираме цените на електрична енергија и на природен гас не би требало да има никакви проблеми затоа што во сите земји особено во регионов драстично е зголемено производството на електрична енергија од обновливи извори.“, рече Бислимовски.

Новата цена на електричната енергија граѓаните ќе ја дознаат кон крајот на декември, а ќе почне да важи од 01.јануари 2025 година.