Нови детали од истрагата – Коцевски: ДЗС воопшто не ги проверувала клубовите

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Четири лица се во притвор, шест во куќен притвор со забрана за комуникација, а осум се со мерки на претпазливост – ова е епилогот откако Обвинителството ја прошири истрагата за трагедијата во Кочани. Дополнително, ќе се утврдува мерка за екс министерот за економија Дритон Кучи, кој е амбасадор во Норвешка и најави дека ќе се врати во земјава. Дел од новоосомничените биле функционери и на раководни позиции во институции уште од 2012-тата година, а државниот обвинител Љупчо Коцевски вели дека се анализира дали имало пропусти од почетокот на работата на клубот.

„Повторувачки пропусти, на различни лица низ подолг временски период, се земаат предвид при анализа на причинско-последичната врска.“, вели Љупчо Кочевски

Најмногу критики, Коцевски упати кон директорите на Дирекцијата за заштита и спасување.

„Општина Кочани била оставена без воопшто да овластат инспектор за заштита и спасување, дотолку повеќе што угостителската дејност – дискотеки и кабареа, никогаш не била предмет на контрола и надзор, како во Кочани, така и во цела држава.“, вели Љупчо Коцевски.

Кај првите луѓе на Министерството за економија се испитува дали издавале лиценци без да се исполнети условите, но меѓу нив не е актуелниот министер.

„Актуелниот министер за економија не е опфатен со истрагата, бидејќи нема ниту еден доказ дека сопственикот на клубот иницирал постапка за нова лиценца во 2025 година.“, додава Коцевски.

Обвинителот не одговори конкретно на дилемите дали тие имаат докази дека кај претходните министри била иницирана ваква процедура, а на прашањето дали Министерството било должно да ги проверува условите, Коцевски кусо одговори дека истрагата е обемна за детално да ја објаснува.

„Само можеме да ја оптоваруваме јавноста во тој дел, ова ви го кажав она што е за јавноста битно, што е достапно за јавноста, а истрагата понатаму ќе тече, со тоа што морам да ви соопштам дека истрагата мора да заврши уште два месеца.“, вели Коцевски.

Инаку, мерки има само за двајца поранешни директори во Пазарната инспекција, но не и за сегашниот, бидејќи истрагата ги опфатила единствено оние кои биле на чело на институцијата кога клубот работел со фалсификувана лиценца. Меѓу новите осомничени се и градежни инспектори од Кочани, кои воопшто не го проверувале објектот и неговата реконструкција.

Истрагата има рок да заврши до крајот на мај, а за делото „тешки дела против општата сигурност“ нема можност за застарување. Коцевски истакна дека сомнежи за директна одговорност за пожарот има кај сопствениците и управителите на клубот, организаторите на забавата и корисниците на пиротехниката.