Џ. К. Роулинг најавува издавање на уште две книги од светот на Хари Потер. Веста доаѓа пред декемвриската премиера на првата сезона од телевизиската адаптација, а новите изданија ветуваат досега непознати детали за некои од најпопуларните ликови.
Издавачката куќа „Блумсбери“ (Bloomsbury) ја продолжува својата колекција „Pocket Potters“ – серијал од кратки книги наменети првенствено за деца. Станува збор за мини-книги што содржат приказни, цитати, илустрации и факти за познатите ликови од Хогвортс. Се очекува тие да им се допаднат и на постарите обожаватели, особено на оние што одгледуваат нова генерација вљубеници во Хари Потер.
Новите изданија ќе се фокусираат на професорката Минерва Мекгонагал и на близнаците Фред и Џорџ Визли. Книгите посветени на Рубеус Хагрид, Доби и професорот Дамблдор беа објавени претходно оваа година, додека претходните изданија ги опфатија Хари Потер, Рон Визли, Хермиона Гренџер и Луна Лавгуд.
Од „Блумсбери“ велат дека и долгогодишните обожаватели ќе уживаат во враќањето во волшебничкиот свет. „На прекрасно илустрираните страници, тие ќе можат да бараат бројни скриени детали и да се потсетат на моментите кога започна магијата“, се вели во соопштението. Издавачот наведува дека книгите ќе понудат одговори на прашања како: „Зошто професорката Мекгонагал му купува метла на Хари Потер? Во кое животно може таа да се претвори и што е ’Hatstall’? Може ли некој да ги разликува близнаците Фред и Џорџ Визли? Како тие знаат за секој таен премин во Хогвортс и што е ’Canary Cream’ (крем од канаринец)?“
Новите книги од серијалот „Pocket Potters“ се веќе достапни за онлајн преднарачка, а во продажба ќе се најдат на 23 февруари следната година. Како и останатите книги од серијалот, тие ќе бидат изданија со тврд повез и ќе содржат 32 страници. Очекуваната цена е околу 10 евра.
