Нови обвиненија за поранешни функционери најави министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска во емисијата „Бизнис21“. Кочоска не откри детали, но рече дека во тек се многу предмети на кои работи Финансиската полиција, за кои наскоро ќе дознае јавноста. Не само во енергетскиот сектор, туку и за други злоупотреби кои ги откриваат институциите.
-Единствено што можам да кажам е дека Финансиската полиција работи многу посветено, и тоа не на еден предмет, многу предмети се во тек. Како ги сработуваат така ќе ги доставуваат. Толку можам во овој момент да кажам, изјави министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска.
ТВ21: Зборуваме за енергетскиот сектор или зборуваме и за други?
Кочоска: Зборуваме за сите случаи, не зборувам само за енергетскиот сектор.
ТВ21: Значи може да очекуваме во иднина и нови обвиненија?
Кочоска: Да, да, да…
ТВ21: Познати актери, непознати актери?
Кочоска: Не можам да зборувам однапред ништо.
Кочоска откри и дека се прекинуваат многу наследени капитални проекти. Еден од нив имал фалсификувана банкарска гаранција и тој е процесуиран до надлежните институции.
-За жал многу од нив ги прекинуваме буквално во овој период, проекти за кои што очекувавме дека ќе има реализација, меѓутоа има објективно проблеми, изјави министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска.
ТВ21: Проблемите од кој тип се?
Кочоска: Фалсификувана банкарска гаранција, откриена во месец октомври, се раскинува договор.
ТВ21: Може ли конкретно каде? За што?
Кочоска: За еден проект кој што буквално се финансира и со средства од Европска Унија.
Инаку до сега обвинителството отвори истраги за два предмети „Државна лотарија“ и „Адитив“ за повеќе поранешни функционери. Меѓу осомничените се поранешниот вицепремиер Артан Груби, како и поранешниот директор на ЕСМ Васко Ковачевски. И двајцата се во бегство и не се достапни за органите на прогонот.
