Претседателката Гордана Силјановска Давкова го помилуваше поранешниот градоначалник на Битола, Владимир Талески, кој беше осуден на седум години затвор за злоупотреба на службената положба во случајот „Транспортер“. Со помилувањето, казната му е намалена за една година.
Талески помина три години во куќен притвор, по што му останаа уште четири години затвор. Во случајот беше конфискувано над половина милион евра нелегално стекнати средства.
Тој веќе беше помилуван во 2016 година од претседателот Иванов, кога доби колективна аболиција. Негов некогашен соработник, Слободан Бончановски, за истото дело беше осуден на 5 години и шест месеци затвор.
Претседателката Гордана Силјановска Давкова синоќа го помилуваше и Шенол Маслани, брат на познатиот Шенки Версаче.
Шенол беше споменат во полицискиот билтен во 2019 година по акција против група која се заканувала на полициски службеник и тргувала со дрога, но не му беше поднесена кривична пријава.
Неговиот брат, Шенки, е познат по својата љубов кон брендот „Версаче“ и е сопственик на кафе барот „Версаче“, кој привлече внимание со своето луксузно живеење.

Претседателката Гордана Силјановска Давкова покрај екс-градоначалникот на Битола Владимир Талески и Шенол Маслани, помилува уште две лица: Акиф Рваманоски, член на наркокланот „Барон“, и Марјан Ефремов, првоосомничен во аферата „Шпион“.
Според неофицијални информации на ТВ21, Рваманоски е осомничен за пукање во ногата на 35-годишникот Е.А. во скопската населба Чаир пред неколку дена.
