Најавените вработувања ќе бидат оптоварување за државниот Буџет. Ова е оценката на економистите за најавените вработувања кои деновиве преку огласи осамнаа на сајтовите на одредени министерства. Предводи Министерството за Финансии . Таму се бараат 36 лица на определено време, до крајот на годинава. За плата од 15.600 денари за виш референт па до околу 30.000 денари за раководител на одделение . Деновиве огласи осамнаа и на сајтовите на Министерството за одбрана каде за советнички позиции платите би биле од 35 до 50.000 денари. Советници се бараат и во Министерството за образование со основна плата од 50 до 60.000 денари.
Не се работи за зголемување на бројот на вработени посочуваат преку соопштение од Министерството за финансии. Од таму велат дека министерството има потреба од овие лица.
„Се работи за редовна административна процедура за регулирање на работните места од кои Министерството има потреба, а не за зголемување на бројот на вработени. Имајќи предвид дека бевме во изборен период, во кој имаше законска пречка за вработување, сега се создадоа услови за реализирање и пополнување на работните места за определен период до крајот на годинава, а за кои министерството имаше потреба. За оваа намена се обезбедени средства во Буџетот за 2020.“, велат од министерството за финансии.
Вработувањата ќе значат оптоварување на Буџетот, оценува универзитетскиот професор Сами Бислими. Според него ова во европските демократии е неприфатливо.
„А состојбата на Буџетот ни е сосема јасна. Првите шест месеци од оваа година во споредба со шесте месеци од претходната година дефицитот е 420 милиони евра. Што е отприлика за 4 пати повеќе од претходната година.
Трошоците во Буџетот растат а приходите во Буџетот се помали од 2019 година за цели 8 посто. Ова Буџетско оптеретување со раст на Буџетските трошоци и со намален прилив на приходи ќе не доведе до состојба претпоставуваме на крајот на годинава ние да имаме дефицит во Буџетот отприлика од милијарда евра.“, рече Бислими.
Ниту е момент за нови вработувања ниту пак фискалниот капацитет е на ниво за нови вработувања, вели Бислими.
„Ние имаме доволен број на вработени дури и преголем во државната и јавната администрација и ако има потреба од луѓе во одредена институција , можат едноставно да ги префрлат од една во друга институција и да се пополни потребниот број на вработувања во тие институции. Зошто има потреба од нови вработувања?“, рече Бислими.
Промената на власта не значи и промена на раководните места и раководните структури, тоа се професионални институции а не партиски вработувања, вели Бислими. Инаку околу 1400 лица кои се вработени во државната администрација по Рамковен договор седат дома а земаат плата. За нив, вицепремиерот и министер за политички систем Артан Груби најави дека за брзо време ќе бидат прерарспределени по институции.
