Новиот амбасадор на ЕУ во Скопје порачува: „Тешко дека ќе биде прифатено одложено дејство на уставни измени“

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Единствена цел во мојот мандат е да и помогнам на државата да влезе во ЕУ што е можно побрзо“, изјави новиот евроамбасадор Михалис Рокас, во интервју за МИА, што е негово прво интервју откако стапи на новата должност во земјава минатиот месец. Рокас вели дека членството во ЕУ нема алтернатива и оти проширувањето е најуспешната политика на Унијата. Вели дека го разбира предлогот на Владата за одложена примена на уставните измени, но, нагласува оти пристапувањето е процес заснован на едногласност.

„Проширувањето е процес заснован на едногласност, ние сме сите свесни за овој предлог на Владата. Мое скромно мислење е дека тешко дека ќе биде прифатен, како што објаснив претходно има став на ЕУ од 27-те членки во овој поглед. Одлуката за уставни измени е суверена одлука на Владата, и е многу важна, ние имаме огромна почит за тоа како Владата сака да продолжи понатаму и решенијата кои сака да ги постигне, но процесот е сосема јасен, и тој може да биде веднаш и може да се одвива многу брзо и она што можам да го повторам е целосната посветеност за пристапување кон ЕУ“, рече Рокас.

Од друга страна, прмиерот Мицкоски останува на ставот. Вели дека писмото кое го подготвува до ЕУ за новите идеји за продолжување на преговорите е при крај, но ќе го испрати откако ќе разговара со што е множно повеќе лидери на земјите членки на ЕУ.


Мицкоски: Па не би се сложил со тој став дека таму не постои разбирање за нашата позиција.
Новинар:-Не, не велам разбирање, туку нема да има промена на преговарачката рамка.
Мицкоски: Епа, тогаш најдобро е да прифатиме се што бараат соседите, да се избришеме и тогаш ќе бидеме најсреќни. Така јас не водам политика.

Од друга страна, претседателот на СДСМ, Венко Филипче вели тие ќе дадат поддршка за секое решение или подобра позиција која ќе ја договори Владата, но само ако тие решенија се реални и остварливи.

„Ако очекуваат дека СДСМ наивно ќе даде поддршка на идеи кои значат понатамошни блокади, решенија во кои никој не верува освен тие самите во Белата палата, тогаш се излажале. Ние нема да бидеме параван за нивните пропаднати политики. Нека покажат лидерство, нека покажат храброст и најважно од се, нека покажат искреност. Нека понудат реални решенија, околу кои можеме да се обединиме, ако не, нема да бидеме соучесници во нивната пропаст“, рече Филипче.

Филипче пред неколку дена јавно упати барање до Мицкоски за затворена седница, на која ќе се дискутира за блокираните преговори со ЕУ. Како што изјави тој, ќе го почекаат Мицкоски да го прифати барањето, а ако тоа не го стори ќе ги употребат сите механизми таа седница да се одржи преку формално барање до Собранието.

И додека Македонија останува заглавена, Албанија, која беше во пакет со нас, е на чекор да го отвори првиот кластер. Комитетот на постојани претставници на владите на земјите членки на ЕУ ја усвои одлуката за отворање на првиот кластер во преговорите за членство на Албанија наречен „Основни вредности“. Оваа важна пресвртница ќе се обележи со Меѓувладината конференција, која ќе се одржи на 15 октомври во Луксембург.