Со ветување дека ќе ги исполни очекувањата на граѓаните за правда и неселективност, новиот државен обвинител Ненад Савески даде свечена заклетва пред претседателот на Собранието. За Савески оваа позиција е голема одговорност, за која е уверен дека заедно со сите обвинители ќе ја извршуваат во согласност со Уставот и законот.
-Нивната работа ниту започнува, ниту завршува со мене. Секој обвинител има законска обврска да постапува по предметите во работа. Го познавам составот на обвинителството и имам доверба во нив и заедно со нив сум уверен дека ќе ги исполниме очекувањата на граѓаните, во чие име, според Уставот и законот, постапуваме ние јавните обвинители, изјави Ненад Савески, државен обвинител.
Тој вети дека сите предмети ќе се третираат подеднакво, без приоритети и селекција. Според него, обвинителите постапуваат согласно релевантните закони и меѓународни стандарди, додека јавноста и политиката имаат право да имаат очекувања и да ја коментираат работата на обвинителството.
–Секој предмет има еднаква важност, нема да правам приоритети на предмети; се знае само кога има законска основа кои предмети имаат приоритет. Селекција не се прави на тој начин, ниту од тоа кој би ме повикал како да постапувам; напротив, постојат законски регулативи врз основа на кои секој јавен обвинител постапува, тие важат и вчера, и денес, и утре, и во иднина, изјави Ненад Савески, државен обвинител.
За Савески, еден од главните приоритети е подобрување на условите за работа, бидејќи, како што истакна, сиромашна институција не може да се бори против богати криминалци. Други приоритети за него се модернизацијата и дигитализацијата на обвинителството, за да може да се следи работата на секој обвинител. Тој гарантираше транспарентна и одговорна работа на секој јавен обвинител, почнувајќи од себе.
-Секогаш кога ќе имате интерес за одреден предмет, почнувајќи од мене, секој јавен обвинител има обврска да одговори на сè што јавноста очекува да добие одговор, изјави Ненад Савески, државен обвинител.
Инаку, вчера Собранието со 66 гласа „за“, 2 „против“ и 8 „воздржани“ го избра Ненад Савески за нов државен јавен обвинител. Тој е деветтиот државен обвинител на Македонија од независноста на државата. Савески од 2016 година беше судија во Кривичниот суд Скопје, во одделот за организиран криминал и корупција. Во периодот 2009 – 2016 работел како обвинител во Основното јавно обвинителство, додека во периодот 2004 – 2009 бил стручен соработник во Основниот суд во Гостивар. Мандатот на јавниот обвинител е 6 години, со право на реизбор.
