Поранешниот гувернер на централната банка Марк Карни победи во трката за лидер на канадската владејачка Либерална партија и ќе го наследи Џастин Трудо на премиерската функција, покажаа официјалните резултати објавени во текот на викендот.
Карни ќе ја преземе функцијата во турбулентно време за Канада, која е среде трговска војна со Соединетите Држави под претседателот Доналд Трамп и наскоро мора да одржи општи избори.
„Некој се обидува да ја ослабне нашата економија“, рече Карни, мислејќи на Трамп со воведувањето на тарифи на увозот од Канада.
„Тој ги напаѓа нашите работници, семејства и бизниси. Нема да му дозволиме да го направи тоа. Ќе мораме да направиме работи кои не можевме да ги замислиме претходно и со брзина за која мислевме дека не е можна“, рече Карни.
