Новиот Реис против стариот за коронавирусот – им даде баклава на новинарите, но не и конкретен одговор на прашањата

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Короната постои и Исламската верска заедница не треба да дава изјави за тоа, бидејќи тоа припаѓа на науката. Ова го изјави новиот поглавар на ИВЗ Шаќир Фетаху велејќи дека не се согласува со ставот на неговиот претходник, Сулејман Реџепи кој пред да биде разрешен од фунцкијата го прогласи коронавирусот за мртов.

Денешната средба ја организираше специјално за новинарите, им даде баклава и рече дека ќе биде транспарентен и ќе одговари на секое прашање дури и за како што рече, кога ИВЗ ќе има некој неуспех.

Само што го заврши говорот, се подготви да си замине немајќи воопшто на ум да одговори на прашања, но критиките на новинарите му го сменија планот.

-Новинарите ако може да влезат внатре.

Прашања пред камера? Нам не ни треба баклава, нам ни требаат одговори на прашањата.

Само кратко, бидејќи не чекаат таму.

Но, повторно не добивме одговор ниту на прашањето кое најмногу кружи во јавноста: Зошто е разрешен Сулејман Реџепи, поради лични причини или поради финансиска злоупотреба и кога ќе почнат изборите во ИВЗ?

„Ние сме во фаза на административни анализи, финансиски и верски, моментално не треба да зборуваме без аргументи. Ќе бидеме опција на аргументи а не на улични муабети или измислици.“, рече Фетаху.

Реисот Фетаху на оваа функција дојде по разрешувањето на поглаварот на ИВЗ Сулејман Реџепи. За разрешувањето на Реџепи имаше разни шпекулации кои ниту ги потврдуваат ниту ги негираат од новиот состав на ИВЗ. Пред неколку дена Антикорупциската комисија извести дека 5 години ИВЗ не поднела финална сметка. За тоа Антикорупциска вети дека ќе бара одговорност од Централен регистер бидејќи како што велат, последниве 10 години на сметката на ИВЗ се префрлени 9 милиони евра како компензација на имот. Антикорупциска сега очекува извештај од УЈП кој ќе ги дефинира идните чекори на оваа институција.