Денес во САД се регистрирани првите случаи на нов вид на вирус корона што кружи во Велика Британија, пренесува „Гардијан“.
Маж од Колорадо заразен со новиот вирус, наречен Б.1.1.7, има дваесетина години и немал историја на патувања, соопшти државниот оддел за здравство. Гувернерот Полис рече дека здравствените власти спроведуваат истрага за тоа како човекот можел да биде заразен со вирусот.
Новиот сој на вирусот неодамна е откриена и во Шпанија, Шведска и Канада.
“Не знаеме многу за оваа нова варијанта на Ковид-19, но научниците од Велика Британија го предупредуваат светот дека е многу позаразна. Работиме на тоа да спречиме ширење и задржување на вирусот на сите нивоа”, рече Полис.
Се смета дека новиот вид е позаразен од другите утврдени видови и ги поттикна некои земји да го ограничат патувањето од Велика Британија.
Светската здравствена организација (СЗО) вели дека нема доволно информации за да се утврди дали новиот вид влијае на ефективноста на вакцините што почнаа да им се даваат на луѓето ширум светот во декември, објави Ројтерс.
Меѓу земјите што досега го регистрираа британскиот вид се Јужна Кореја, Норвешка, Австралија, Јордан, Германија, Италија, Португалија, Финска, Шведска, Канада, Ирска, Либан, Сингапур, Израел, Хонг Конг и Пакистан.
