Ново невреме во Хрватска: Откорнати дрвја, сообраќајот запрен во Загреб

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Ново невреме ја зафати Хрватска. Силно невреме кое корнеше дрвја помина низ Истра и Кварнер, па стигна до Загреб. Едно лице е повредено во автокампот во Новиград.

Во Загреб врнеше силен дожд, грмеше и блескаше, а дуваше силен ветер.

Жупанискиот центар 112 Загреб доби повеќе од 300 пријави од граѓани за последиците од невремето придружено со силен дожд и ветер во областа на Загреб и Загребската жупанија.

Возот Загреб-Дуга Реса запре поради невреме кај Хрватски Лесковац, патниците велат дека паднале дрвја на пругата пред и зад него.

Пријавите најмногу се однесуваат на паднати дрвја, дефекти на електрични и телекомуникациски водови и голема количина на вода на патиштата. Известени се сите надлежни служби, кои се испратени на терен, соопштија од цивилната заштита.

Силно невреме во Истра и Кварнер, едно лице повредено
Силно невреме околу 16 часот го зафати поширокото подрачје на Риека, а ветерот собори многу дрвја и гранки, како и еден од крановите на контејнерскиот терминал Брајдица.

Кранот се урнал покрај бродот кој бил на терминалот. Според првите информации од терен, дрвја паднале на коловози, оштетиле автомобили на улицата Вуковарска, во Шкуриње, пред Арт-киното во Брајда, скршени гранки паднале на тротоарот, а оштетен е и покривот на основното училиште Срдочи.

Според досегашните информации едно лице е повредено во Новиград.

Предупредувањето го испрати и Хрватската планинска спасувачка служба.

Нова силна бура преку Италија пристигна во Словенија. Италијанските медиуми јавуваат за последиците од силното невреме кое го зафати северниот дел на Ломбардија. Социјалните мрежи беа преплавени со фотографии од градот со големина на тениски топчиња, а помало торнадо е забележано на североистокот на Милано.