Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов, смета дека поранешните директори на институцијата кои се опфатени со одговорност во случајот со трагедијата во Кочани претставуваат „колатерална штета“.
Ангелов, во гостување на Канал 77, го посочи поранешниот директор Шабан Салиу, прашувајќи зошто тој би бил одговорен за трагедијата доколку функцијата ја извршувал десет години пред да се случи пожарот.
„Јас ги сметам директорите пред мене за колатерална штета, кои што во таа, да речам, тогаш во длабоката болка, тага, едноставно отидоа како колатерална штета. Јас не гледам што е виновен Шабан Салиу, кој што бил директор десет години пред да се случи трагедија“, изјави Ангелов.
Тој направи споредба со сопствената функција и праша дали би можел да сноси одговорност за евентуална трагедија што би се случила по неговото пензионирање, само затоа што во минатото бил директор на ДЗС.
„Дали тоа значи дека еден ден кога јас ќе отидам во пензија, кога ќе заборавам дека сум бил директор на ДЗС, ако се случи некоја трагедија, некој треба мене да ме уапси?“, праша Ангелов.
Говорејќи за ноќта на трагедијата, директорот на ДЗС рече дека дел од информациите поврзани со случувањата во Кочани не ги памети целосно.
„Имам помрачувања на одредени информации поврзани со Кочани, ги имам потиснато, бидејќи сите кои учествувавме во тој ужас имаме одредени последици“, рече тој.
Според Ангелов, првата информација за пожарот пристигнала до бројот 112 во Центарот за управување со кризи околу 2 часот по полноќ, по што бил веднаш известен од дежурниот службеник.
Тој веднаш се обидел да го контактира градоначалникот на Кочани, кој, според неговите зборови, бил меѓу првите што пристигнале на местото на трагедијата.
„Успеав да го разбудам, отиде тој веднаш, меѓу првите, да кажам, веднаш, се разбира после пожарникарите. Подоцна, расплакан ми се јави, цело време повторуваше ужас, ужас, трагедија, трагедија. Не можеше ни да зборува“, раскажа Ангелов.
„Законите беа извонредни“
Ангелов смета дека по трагедијата во Кочани нема потреба од суштински измени на законската регулатива во делот на противпожарната заштита. Според него, постојните закони се доволно добри, а главниот проблем е нивното непочитување.
„Не треба ништо да се смени. Законите беа извонредни и претходно. Се знае противпожарната заштита. Отсекогаш тоа постоело, и во Југославија и во независноста“, изјави директорот на ДЗС.
Тој посочи дека во случајот со пожарот во Кочани биле прекршени повеќе законски прописи и дека објектот работел без соодветни дозволи.
„Ако го следиш судењето, ќе видиш дека се прекршени сите можни закони. Таму дискотеката работела на диво, дури во последниот период таа немала никаква дозвола“, рече Ангелов.
Во однос на инспекцискиот надзор, тој оцени дека институциите тешко можат да вршат контрола врз објекти кои функционираат целосно нелегално и немаат потребни дозволи.
„И ние не можеме да инспектираме објект кој е нелегален, на црно. Како ќе направите инспекција во него?“, праша Ангелов.
Според него, трагедијата во Кочани значително ја подигнала свеста кај граѓаните, но и кај сопствениците на објекти во кои се собираат поголем број луѓе.
„Она што таму се случи сметам дека ја промени свеста кај сите граѓани, но и кај сопствениците на вакви објекти“, заклучи Ангелов.
Пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани избувна на 16 март 2025 година за време на настап на групата ДНК. Во трагедијата загинаа 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени.
За пожарот се обвинети 35 физички и три правни лица. Меѓу обвинетите се сопственикот на објектот, негови блиски, инспектори од државни институции, поранешни министри и припадници на агенцијата која го обезбедувала објектот.
На почетокот на судскиот процес обвинетите се изјаснија дека не се чувствуваат виновни и ја оспорија тезата за нивна причинско-последична поврзаност со пожарот.
Судењето го води судијката Диана Груевска-Илиевска, додека обвинението го застапува тим од 15 јавни обвинители.
