Судството ги менува ставовите кога станува збор за повторното судење на случајот „Алфа“. Иако постојано се ветуваше дека одлуката за повторување на постапката за судениот Агим Ислами ќе биде донесена веднаш штом Апелациониот суд ќе одлучи по жалбата на Алмир Дрпљанин, одвоена од предметот „Алфа“, сега претседателот на Кривичен суд, Иван Џолев смета дека треба ја почекаат и одлуката на Врховен суд.
-Досега се чекаше Кривичниот совет да одлучува по однос на барањето за повторување. Се чекаше правосилноста, се чекаше второстепената пресуда, меѓутоа сега малку се усложува целата ситуација, затоа што тие 20 години што му беа изречени на еден од обвинетите во истиот случај, сега од страна на Апелација се преиначува на доживотна затворска казна. Тој сега има право на трет степен во Врховен суд, така што претпоставувам дека сега ќе се чека одлуката на Врховен-изјави Џолев.
Сепак, според Џолев, конечната одлука треба да ја донесе Кривичниот совет, додавајќи дека евентуалната одлука на Кривичен пред Врховен би значело влијание врз целиот процес.
-Кога не е правосилна е проблем да се одлучува за повторување на постапка врз основа на нови докази, бидејќи одлуката на Кривичен совет би значело на некој начин влијание на судот од повисок ранг во Апелациониот, односно сега можеби и во Врховниот суд, би значело на некој начин влијание врз нивната одлука. Уште тогаш ви кажав дека таа пресуда треба да стане правосилна, па дури тогаш Кривичниот совет да одлучува-рече Џолев.
За Рамиз Даути, еден од поранешните обвинети, ова е уште една манипулација на правосудниот систем. Додава дека не разбира зошто треба да чекаат, кога на Дрпљанин и Ислами им е судено одвоено, а вештачењето направено во Србија е само за Ислами.
-Ова е уште една измислица на Основен суд, бидејќи од Апелациониот суд чекавме 16 месеци. Самиот претседател, Иван Џолев, рече дека откако Апелација ќе одлучи, може да се донесе одлука и да се разгледа случајот за Агим, бидејќи е исто дело и се суди одвоено. Сега не знам зошто да го чекаме и Врховниот суд. Ова е уште една манипулација на судот. Сега дефинитивно ја изгубив довербата во судовите, особено во Основниот-рече Даути.
Со вештачењето изготвено во Србија се потврдува дека Агим Ислами и починатиот Реџаиљ Ќерими не се сторителите на кривичното дело и дека се осудени врз основа на незаконски и наместени докази. Ислами е во затвор веќе 15 години, а е осуден на доживотна казна за убиство на полицаец Албанец што се случи на 26 ноември 2008 година на паркингот кон Природно-математичниот факултет во Скопје.
