Сојузот на синдикатите денеска на Економско социјалниот совет предложи откако законски ќе се усогласи минималецот на околу 24.500 денари, тој да порасне на минимум 27.700 или на 450 евра. Предлагаат во целост да се плаќаат придонеси до 24.500 денари, а за разликата, во овој случај за минимум 3,200 денари, државата да излезе во пресрет.
„Потребно е да има или ослободување на делот од плаќањето на придонесите за многу кратко време, кое потоа останува во бруто платата на работниците и работодавачите ќе имаат обврска да ја плаќаат како таква по истекот на времето, со тоа ќе се полни фондот за пензиско – инвалидско осигурување“, вели Слободан Трендафилов.
Вториот предлог е разликата од минималецот и зголемувањето да се субвенционира од државата на шест, осум или 12 месеци. Но, проблемот за работодавачите е во тоа што ако се зголеми минималецот, тогаш ќе треба да се зголемат и платите на останатите вработени, а со тоа и придонесите. Затоа, се додека Владата не се изјасни дека времено би субвенционирала или ослободила плаќање на придонеси и за разликата од покачувањето за сите плати, за Организацијата на работодавачи предлогот е неприфатлив.
„На следната седница на Социоекономскиот совет, односно на седницата на која ќе се одлучува за минималната плата ќе биде одлучено законски“, порача Владанка Трајковска
Инаку, на денешната седница на Советот нов напад врз начинот на пресметка на синдикалната минимална кошница. По минатонеделното оспорување на методологијата од страна на Владата и на премиерот Христијан Мицкоски, денеска таа оспорена и од работодавачите, кои побараа оваа пресметка да ја врши некоја независна институција под државна капа. Обвинија дека синдикатот пресметува дупло поголема кошница од реалната.
„Тоа се веќе политички одлуки и политички елементи кои ги користи синдикатот за свои придобивки. Тоа е еден нивен метод за вршење на притисок…“, вели Владанка Трајковска
„Веројатно ќе биде координиран напад и во наредниот период и веројатно тоа што ќе се трудат да го направат е да го замолчат Сојузот на синдикати на Македонија.“, вели Слободан Трендафилов
По ваквото оспорување на методологијата, на денешната седница на Советот предложено е формирање владино тело каде ќе учествуваат претставници на министерствата за економија и финансии, на ССМ, на работодавачите и на Државниот завод за статистика кои ќе ја пресметуваат потрошувачката кошница. Инаку, Статистика до 2011 година ја пресметуваше кошницата, но без да се наведе јасно, не кажа зошто прекинува со оваа активност.
