Нови рочишта за „Монструм“ и за организаторите на 27-ми април во Кривичен суд

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Во Основниот кривичен суд во Скопје денеска треба да продолжи судењето за петкратното убиство кај Смилковско Езеро на 12 април 2012 година.

Случајот „Монструм“ се наоѓа во доказна постапка и на денешното рочиште треба да бидат сослушани две лица предложени од обвинителството.

За петкратното убиство на 12 април 2012 година, кога беа убиени момчињата Кире Тричковски, Филип Славковски, Цветанчо Ацковски, Александар Наќевски и рибарот Борче Стефановски, во претходна постапка за случајот на доживотен затвор беа осудени Алил Демири, Африм и Агим Исмаиловиќ, Езим и Хаки Азири и Сами Љута.

Врховниот суд во декември 2017 година ги укина пресудите, ги ослободи од притвор осудените Агим Исмаиловиќ, Хаќи Азири, Сами Љута и Фејзи Азири и им определи мерки на претпазливост. По укинувањето на пресудите, случајот „Монструм“ го презеде СЈО и предметот беше вратен на повторно судење.

Случајот „Монструм“ го води судијата Огнен Ставрев, а застапници на обвинението се Фатиме Фетаи и Гаврил Бубевски.

Исто така во кривичниот суд во Скопје денеска треба да продолжи судењето за организаторите на настаните од 27 април во Собранието.

Случајот се наоѓа во доказна постапка и сослушување на сведоци предложени од одбраната.

Судскиот процес го води судијата Илија Трпков, а застапник на обвинението е Вилма Русковска.

Обвинети во овој предмет се поранешниот претседател на Собранието, Трајко Вељаноски, ексминистрите за транспорт и врски и за образование, Миле Јанакиевски и Спиро Ристовски, како и поранешниот директор на УБК, Владимир Атанасовски.

Тие се товарат дека сториле кривично дело „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“.