Новогодишен концерт за Неџмије Парагуша – Косовската филхармонија дојде во Скопје бидејќи во Приштина нема услови

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Косовската филхармонија одржа новогодишен концерт во салата на Македонската филхармонија кој беше посветен на славејот на албанската музика, покојната Неџмије Пагаруша. За време на концерт беше изведено и делото на Авни Мула, кој исто така почина оваа година. На концертот се нижеа и дела од многу истакнати албански уметници.

Организаторот на концертот вели дека поради недостиг на ваква сала во Косово и поради пандемијата единствено решение била салата на Македонската филхармонија, додавајќи дека тоа не било тешко да се реализира бидејќи Скопје е релативно блиску. 

„За среќа Скопје не ни е далеку, не е далеку за публиката во Приштина, плус тука имвме  можност да се претставиме пред публиката која обично нема можност да нè гледа на концерти“, вели Дардан Селимај.

Диригентот Гриди Краја зборуваше околу потешкотиите од уметничкиот аспект.

„Имаше мали потешкотии затоа што одредени материјали беа стари и не можеше да се најдат нотите, па поради тоа со персоналот бевме принудени од почеток да правиме нови оркестрации за да се прилагодиме на начинот на кој што пееше славната Неџмије Пагаруша. Но, сепак беше многу добар концерт“, посочи Гриди Краја.

И Селимај, и Краја, изразија задоволство од присуството на публиката. Се надеваат дека и Косово ќе добие филхармониски објект според стандардите како концертната сала во Македонија.

„Очекуваме во 2021 година, најпрвин сите да бидеме во добро здравје, и второ – приштинските власти да ја разгледаат опцијата околу она што треба да го направат во Приштина. Концертната сала во Косово е неопходна, со години немаме една таква и верувам дека е крајно време да се направат чекори во оваа насока“, посочи Дардан Селимај.

„Во Приштина мора да имаме сала, потребен ни е Дом за филхармонија кој треба да вклучува простории за проби, простории како тука, кои на наша жалост, а ваша среќа се навистина одлични“, вели Гриди Краја.

Публиката носеше маски и држеше растојание, а на по завршувањето на концертот вработените во Филхармонија ја дезинфицираа салата. Инаку, Неџмије Пагаруша е родена на 7 мај 1933 година, а почина на 7 февруари оваа година. Таа важи за кралица на албанската музика. Позната е по одличните настапи во народната музика и опера.