Новогодишна кошница – ВЛЕН и ВМРО-ДПМНЕ по стапките на СДСМ и ДУИ

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Додека беа во опозиција критикуваа и исмеваа, сега кога се на власт одеднаш одењето по продавници за да се проверат цените дали се намалиле со „Новогодишната кошница“ е нешто нормално. По стапките на Димитар Ковачевски од СДСМ и Крешник Бектеши од ДУИ, во денешна обиколка министерот за економија и неговиот заменик Бесар Дурмиши од ВЛЕН и Марјан Ристески од ВМРО ДПМНЕ, и првиот човек на Пазарниот инспекторат Влатко Стојкоски, се пофалија дека цените паднале за минимум 10 отсто.

„Тоа што сакам да го споделам со вас и за што сум многу среќен  е дека за краток временски период успеа во новогодишната кошница да бидат опфатени над 95 трговци во 42-те мрежи на маркетите, со што бројот на производи ги има надмина 1.100 производи опфатени со оваа мерка. Сакам да апелирам до сите трговци да продолжат да ја почитуваат оваа мерка до нејзиното завршување на 15 јануари“, вели Бесар Дурмиши.

Првиот човек на Пазарниот инспекторат се пофали дека трговците ги намалиле цените за минимум 10 отсто во однос на најниската цена на производите која била од 15 ноември до 15 декември. Но, некако срамежливо кажа дека ги проверувале и цените пред 15 ноември, бидејќи според Државниот завод за статистика, инфлацијата во ноември 2024 е за 4,3 насто повисока од истиот месец минатата година, а храната поскапела дури за 5,7 насто.    

„До сега можам да кажам дека немаме детектирано таков случај.“ , порача Влатко Стојкоски.

Според Законот за заштита на потрошувачи, Пазарниот инспекторат ги контролира цените максимум еден месец пред да се дадат попустите, при што попустот мора да биде на најниската цена која е во тој контролиран период. Трговците ако енормно ги зголемат цените 31 ден или претходно во овој случај пред 15 ноември, не подлежат на законски контроли.