13 годишно момче почетокот на 2025 година ќе ја помни поради тешката повреда од петарда која му донесе доживотен инвалидитет на раката. Тоа е оперирано на Детската клиника.
„Оперирано е веќе, мислам дека е оперирано веќе на Детската клиника за хирургија и најверојатно ќе биде со инвалидитет на раката“, вели Игор Мерџановски.
Мерџановски вели дека на Ургентен центар имале за 30 отсто помалку интервенции од минатата Нова Година. Имало 35 прегледи од кои девет сообраќајки, двајца пациенти со физички напад и еден странец кој бил пијан и со скршен нос и повреди на главата.
Директорот на болницата „Св. Климент Охридски“, Небојша Настов вели дека ноќеска немале пациенти поради повреди со петарди, но дека во изминатиов месец имале 50 – тина случаи пред се кај малолетни лица на возраст од 12 до 17 години. Тој истакна дека во текот на новогодишната ноќ имале вообичаен обем на работа.
„Вкупно се прегледани 81 итен пациент од кои пет се повредени од последица на сообраќајни несреќи, тројца се од физички пресметки и извршени се три оперативни интервенции за време на дежурството.“, вели Небојша Настов.
Релативно мирна ноќ имале и на Токсикологија, каде помош побарале 21 лице, од кои 18 поради труење со алкохол. Според директорот на Токсикологија, Андон Чибишев, од пациентите четири се женски каде најмладата е на 17 години, а најстарата на 26, додека кај машките најмладиот е на 14 години, а најстариот на 38. Според Чибишев, годинава имаат помалку пациенти поради поголемата свест кај граѓаните, но дека мора многу да се внимава со алкохолот бидејќи одредени количини можат да бидат опасни по животот.
„Се е тоа индивидуално. Може и со две чаши да настане, затоа што се работи за дете практички, 14 години. Инаку, јас во моите изјави пред празниците неколку пати нагласив дека таквите труења кај пациенти до 25 години се животно загрижувачки состојби“, вели Андон Чибишев.
Чибишев истакна дека еден пациент мешал алкохол и лекови, што е исклучително опасно по здравјето. Сите 18 лица се пуштени дома, со совет како да се однесуваат наредниве неколку денови.