Новогодишната кошничка при крај, Мицкоски и натаму најавува контроли, граѓаните и натаму незадоволни

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Една недела пред истекувањето на акцијата за намалување на цените на таканаречената новогодишна кошничка во која граѓаните реагираа дека голем дел од производите се поскапени, премиерот Христијан Мицкоски останува на ставот дека во втората половина на декември, што значи по воведувањето на мерката, цените се стабилизирани. Тој рече дека за сега само ја следат состојбата со цените во маркетите.

„Внимателно преку Државниот пазарен инспекторат ја следиме состојбата и ќе интервенираме доколку тоа е потребно. Тоа може да се интервенира веднаш со ограничување на цените, но сакаме еве да не го примениме тој инструмент и затоа на дневна основа повеќе енергија вложуваме за да ја следиме состојбата во трговските маркети и така ќе продолжиме и во оваа година“, рече Мицкоски.

Иако претходно имаше реакции дека голем дел од цените се зголемени за што Мицкоски најави дека ќе има инспекциски контроли, во последниот извештај на Пазарниот инспекторат објавен пред Нова година е наведено дека тие не откриле прекршувања.

„Во месец ноември постоело зголемување на цените на основните прехранбени производи, но со започнувањето на акцијата „Новогодишна кошница„ постигнато е нивно стабилизирање и намалување. Трговците на мало (маркетите) генерално се придржуваат до акцијата за намалување на основните прехранбени производи, а констатирани се ситни забелешки во однос на обележување на цените и самите цени“, велат од Државниот пазарен инспекторат.

Од СДСМ остануваат на нивниот став дека целата мерка е чиста манипулација со граѓаните и дека иако имаа можност досега да ги спроведат контролите на цените, тоа не е направено.

„Додека не видиме дека има контроли и инспекции, затоа што власта досега имаше време да го направи тоа, надлежните институции секако под власта имаа можност да го направат тоа. Повеќе пати сме излегле со прес конференции, повеќе пати сме ја известувале јавноста и сме реагирале на една класична манипулација за кошничката последна која што ја воведе власта. Прво дозволија на трговците да ги покачат цените па потоа ја донесоа и ги замрзнаа цените онака како што беа покачени.“, изјави Богданка Кузеска.

Новогодишната кошничка беше воведена на 15 декември, а ќе трае до 15 јануари, односно уште една недела. Со неа беше предвидено цените на околу илјада производи да се намалат за 10 проценти.