Новогодишно украсување од 200.000 евра?! – Граѓаните со поделени мислења

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Ситуацијата со корона вирусот не ја поколеба градската управа и оваа година да распише тендер за новогодишно украсување на главниот град. Градот Скопје го објави тендерот за новогодишно украсување на улиците, булеварите и плоштадите со проценета вредност на договорот од 200.000 евра.

„Декорирањето и украсувањето за време на новогодишните празници треба да е на високо естетско ниво, во духот на модерното време на живеење, со современ и атрактивен дизајн, уметнички и ликовни ефекти“, велат од Бирото за јавни набавки.

Граѓаните кои ги анкетираше ТВ21, со поделени мислења околу новогодишното украсување на градот.

„Мислам дека не треба да се украсува, подобро парите да се дадат во добротворни цели. Мислам дека е непотребно, секој може да си украси дома како сака, и онака не се се движиме многу по градов“, вели граѓанин.

„Минимално украсување према времето. Сега е такво време што треба да штедиме“, посочи граѓанин.

„Корона со украсување немаат врска. Треба да се украси да биде убаво. Па кој дојде, дојде, кој не, нека се чува. Затоа постојат маски“, додава граѓанин.

„Треба да се украси. Без разлика што има корона, мора да се живее и да се оди напред“, вели граѓанин.

Во меѓувреме советничката група на ВМРО-ДПМНЕ на град Скопје апелира парите од 200 илјади евра кои Шилегов ги троши на украсување на градот Скопје за Нова година да се пренаменат за помош од корона кризата.

Тв21 побара одговор од Град Скопје дали останува одлуката за новогодишно украсување на метрополата или пак буџетските средства ќе можат да бидат пренаменети, но не добивме никаков одговор.

Се предвидува градот кон почетокот на декември да биди украсен, а дали ќе има новогодишен пречек и дали ќе се одржи манифестација „Винтерленд“, ќе зависи од епидемиолошката слика односно од состојба со коронавирусот. Лани новогодишното украсување на Скопје чинеше 260.000 евра. На новогодишната прослава на Плоштадот Македонија пееше босанскиот пејач Дино Мерлин, а настапот на Мерлин, како што кажа лани Шилегов, бил платен од спонзорства.