Нулта насилство во училиштата – мора да има соработка помеѓу родителите, општините и училиштата

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Министерството за образование најавува долгорочен и систмски пристап за спречување на насилството меѓу врсниците. Јаневска најави конкретни мерки, законски измени и одговорност и за родителите на децата кои го повторуваат насилството во училиштата. Во соработка со Градот Скопје се цели кон создавање одржлив систем кој континуирано ќе ја спречува и ќе ја третира оваа појава.

„Вие знаете дека ние предвидовме исклучително многу активности за спречување на насилството меѓу врсниците, што досега не беше така. Ова е првата Влада која посвети толку многу внимание на насилството меѓу врсниците. Презедовме проекти и законски измени. Направивме промени во училиштата во однос на распоредот на наставниците, грижата, дури и казни за оние родители чии деца го повторуваат насилството меѓу врсниците. Во моментов разговорите со Градот Скопје се одвиваат на ниво на службите, а понатаму ќе се разговара и со градоначалникот на градот. Јас кажав дека ова ќе бидат континуирани проекти, за да не бидат само проекти заради проектот, туку да се воспостави одржлив систем кој континуирано ќе дејствува за спречување на насилството меѓу врсниците“, вели Весна Јаневска.

На оваа тема се огласија и од владејачката ВЛЕН. Тие започнува иницијатива за нулта толеранција кон насилството во училиштата, барајќи соработка меѓу општините, училиштата, психолозите, наставниците и родителите. Како што информираат, во Чаир се преземени првите чекори за создавање работна група која ќе ги спречува и ќе ги третира случаите на насилство меѓу учениците.

„Општина Чаир ги презеде првите чекори за создавање платформа која ќе ги обедини општината, училиштата, психолозите, наставниците и родителите. Ние се залагаме овој пристап да се спроведе и во општините каде што раководиме, додека ги повикуваме и другите општини да се приклучат кон оваа иницијатива“, вели Теута Идризи.

Да потсетиме, само во периодот од 22 јули до 20 август, полицијата во Македонија регистрирала 973 случаи на насилство во период од еден месец, од кои, по семејното насилство, најчести се случаите на меѓуврсничко насилство.