Невладините организации се собраа пред Суд за да го најават протестот кој ќе биде организиран в петок против, како што рекоа, монтираните случаи. Бедри Ајдари ги повика граѓаните масовно да излезат и да го кренат гласот против неправдите кои им се нанесуваат на Албанците.
„Ги повикувам граѓаните да излезат и масовно да протестираме в петок, на 2-ри април 2021 година во 14 часот, со цел да покажеме сериозност дека нема да ги толерирале драконските казни за невини луѓе, како и селективните казни со двојни стандарди“, рече Бедри Ајдари.
Претседателот на невладината „Доста е“, рече дека протестот ќе биде мирен, додавајќи дека иако на последниот протест полицијата провоцирала, сепак ниту еден полициски службеник не е казнет.
„Во моментов тројца браќа се уапсени неправедно и им се суди неправедно. Целосно ги поддржуваме. Ќе ги поддржуваме сѐ додека не ја добијат слободата која ја заслужуваат. Сите сме сведоци дека на последниот протест полицијата беше таа која провоцираше и која прва почна со насилство. Колкумина од тие полицајци се казнети? Ниту еден“, кажа Кренар Османи.
Предвидено е протестот да почне од паркот во Чаир, а да заврши пред Влада. На последниот протест полицијата не им дозволи на демонстрантите да пристигнат до нивната крајна дестинација. Беа запрени кај Бит Пазар. Инаку, три лица кои го прифатија обвинението од Обвинителството за учество во протестот за случајот „Монструм“ беа осудени со по една година затвор, а полицајците кои фрлаа камења поминаа само со опомена.
