Обединетите Арапски Емирати соопштија дека Иран извршил напад со 19 ракети и дронови

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Обединетите Арапски Емирати соопштија дека нивната противвоздушна одбрана во понеделник пресретнала 19 ирански ракети и дронови. Од нив, 12 биле балистички ракети, три крстосувачки ракети и четири дронови. Како последица на нападот, повредени се три лица. Засега не е познато колку од ракетите и дроновите биле уништени, пренесува CNN.

Владата на Катар изрази поддршка за својот сосед во Персискиот Залив, ветувајќи целосна солидарност со Обединетите Арапски Емирати и поддршка за сите мерки што тие ги преземаат за заштита на суверенитетот, безбедноста и територијалниот интегритет.

Катар и самиот бил погоден од слични ирански напади со ракети и дронови во текот на конфликтот, а дури бил вклучен и во прва директна воздушна конфронтација со ирански бомбардери во март.

Извори за CNN наведуваат дека израелскиот систем за противвоздушна одбрана бил користен за пресретнување на иранските проектили во воздушниот простор на Емиратите.

Поради нападот, донесена е одлука училиштата во Обединетите Арапски Емирати оваа недела да преминат на онлајн настава.

Министерството за образование на Емиратите соопшти дека училиштата и градинките од вторник до петок ќе функционираат онлајн, поради загриженост за безбедноста на учениците и вработените во образовниот сектор, пренесува CNN.

„Ситуацијата ќе биде повторно проценета во петок, на 8 мај 2026 година, доколку има потреба за продолжување на оваа мерка“, додаваат од министерството.

Многу училишта и универзитети во Персискиот Залив, вклучувајќи ги и Емиратите, преминаа на онлајн настава по почетокот на конфликтот кон крајот на февруари. Катар ги затвори сите училишта и универзитети и веднаш премина на далечинска настава уште првиот ден од судирите.