Легендарниот бенд The Beatles и компанијата Apple Corps Ltd официјално го признаа и усвоија Светскиот ден на Битлси (Global Beatles Day), кој годинава ќе биде одбележан на 25 јуни со низа настани ширум светот.
Датумот не е избран случајно. На 25 јуни 1967 година, членовите на бендот – Џон Ленон, Пол Макартни, Џорџ Харисон и Ринго Стар – влегоа во Студио 1 на Abbey Road Studios во Лондон и ја изведоа песната All You Need Is Love во првиот меѓународен телевизиски пренос преку сателит.
Настапот беше дел од емисијата Our World на Би-Би-Си и во живо го следеа околу 400 милиони луѓе ширум светот, претворајќи ја песната во еден од најпрепознатливите симболи на мирот, љубовта и заедништвото.
Идејата за Светски ден на Битлси потекнува од долгогодишната обожавателка Фејт Коен, која во 2009 година го иницираше неформалното одбележување на датумот. Во изминатите години, фановите организираа концерти, изложби и собири во градови како Буенос Аирес, Ливерпул, Токио и Нјујорк.
Оваа година, за првпат, прославата добива официјална поддршка од самиот бенд и од Apple Corps. Организаторите најавуваат онлајн и физички настани ширум светот, а дополнителните детали ќе бидат објавени наскоро.
По повод официјалното признавање на Светскиот ден на Битлси, на 25 јуни бесплатно ќе биде објавена колоризирана верзија од легендарниот настап на „All You Need Is Love“. Видеото ќе биде достапно на YouTube и за првпат ќе може да се гледа онлајн од обожавателите ширум светот.
Главниот извршен директор на Apple Corps, Том Грини, во писмо до Фејт Коен истакнал дека пораката на Битлси денес е поважна од кога било.
„Повеќе од кога било, пораката на Битлси и на ‘All You Need Is Love’ зборува за нешто суштинско – заедништво, поврзаност и моќта на луѓето да се обединат. Токму тоа го прави Светскиот ден на Битлси толку посебен“, наведува Грин.
Покрај новиот празник, наследството на Битлси ќе биде во центарот на вниманието и во следните години. Режисерот Сем Мендес подготвува серијал од четири филма за бендот, кои треба да бидат објавени истовремено во 2028 година. Во проектот ќе глумат Paul Mescal како Пол Макартни, Harris Dickinson како Џон Ленон, Joseph Quinn како Џорџ Харисон и Barry Keoghan како Ринго Стар.
Во меѓувреме, култната зграда 3 Savile Row во Лондон, долгогодишно седиште на Apple Corps и место поврзано со историјата на бендот, следната година за првпат ќе биде отворена за јавноста како официјално искуство наменето за фановите на Битлси.
Со официјалното воспоставување на Светскиот ден на Битлси, 25 јуни добива ново место во музичкиот календар како ден посветен на бендот што засекогаш ја промени популарната музика и култура.
