Светот е во шок по објавувањето на аудио-записите од контролната кула на аеродромот „Ла Гвардија“ во Њујорк, кои ги откриваат последните панични секунди пред кобниот судир меѓу авион на „Ер Канада“ и противпожарно возило. Во несреќата загинаа двајцата пилоти, а десетици патници се повредени.
Драмата започнала кога лет на „Јунајтед ерлајнс“ пријавил чад во кабината, што предизвикало итен излез на противпожарните служби на аеродромот. Контролорот на летање му дозволил на „Камион 1“ да ја премине Пистата 4, но во истиот момент таму веќе се подготвувал за слетување летот AC8646 на „Ер Канада“ со 76 патници и екипаж.
Кога контролорот ја сфатил кобната грешка, почнал панично да вика во етерот:
„Стоп, стоп, стоп! Камион 1, стоп!“ – зборот „стоп“ бил изговорен најмалку десет пати во само неколку секунди.
Сепак, веќе било доцна. Авионот, кој доаѓал од Монтреал, го удрил противпожарното возило во 23:37 часот по локално време. Од силината на ударот, носот на авионот бил буквално отсечен, а пилотите загинале на место.
На снимката објавена од LiveATC.net, се слушаат вклучени аларми во контролната кула додека контролорот, во состојба на видлив шок, се обидува да спречи уште поголема трагедија. Тој итно му наредува на авион на „Делта“, кој бил следен за слетување, веднаш да „заобиколи“ и да го прекине слетувањето.
Откако ја стабилизирал ситуацијата со останатите летови, на снимката се слуша неговото скршено признание:
„Згрешив…“, вели контролорот, додека колега на радио-врската се обидува да го утеши во тие претешки моменти.
Катрин Гарсија од Пристанишната управа на Њујорк потврди дека 41 лице се пренесени во болниците во Квинс. Девет патници се во критична состојба, додека останатите 32 се пуштени на домашно лекување.
Истрагата за тоа како дошло до дозвола за влез на возилото на активна писта е во тек, додека авио-заедницата дебатира за притисокот под кој работат контролорите на летање.
