Во серија интервјуа за странски дневни весници, грчкиот министер за туризам Харис Теохарис, кој е на турнеја низ земјите од каде што редовно доаѓаат гости во Грција, го претстави планот на Владата за отворање на сезоната.
Министерот за денешниот „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ (ФАЗ) повтори дека планот е Грција да започне да прима странски гости оваа година на 14 мај, што зависи и од ситуацијата во која тогаш ќе биде земјата, пренесува атинскиот весник „Катимерини“.
Тој додаде дека со иста состојба – ако епидемиолошките податоци се поволни, за патниците „од некои пазари со голем процент на вакцинирани, ние сакаме да го отвориме нашиот туризам веќе во средината на април“.
Теохарис за германскиот весник ги претстави и „петте линии на одбрана“ на Грција, односно услови за влез на туристи и престој во Грција.
„Првата линија на одбрана“ е дека секој странски турист мора да поседува потврда дека бил вакциниран против коронавирусот, или дека е оздравен од вирусот или пак да прикаже негативен тест за коронавирусот.
„Втора линија на одбрана“ е „дека сами ќе извршиме тестови од примерокот на туристите по пристигнувањето“. Оваа стратегија за контрола ќе биде насочена особено кон оние кои доаѓаат од земји каде што имало „концентрација на позитивни случаи“ претходниот ден.
„Третата линија на одбрана“ на Грција е „туристите веднаш да се стават во карантин во случај на позитивен тест, а потоа да подложат на подетален тест за ПЦР“.
„Четвртата линија на одбрана“ се „општите правила за безбедност, како што се задолжителна употреба на заштитна маска или одржување дистанца, ограничувања за рестораните, автобусите, туристичките излети и разгледувања“.
Последната, „петта линија на одбрана“ е, подвлече министерот, дека „сите треба да ги следат истите правила како Грците“.
„Ако за грчките граѓани постои обврска за носење на заштитна маска, истото ќе важи за сите, без оглед дали се вакцинирани или не“, нагласи министерот.
Теохарис рече дека вакцинирањето на персоналот во грчкиот туристички сектор исто така ќе помогне во заштитата од инфекцијата.
„Тие ќе бидат вакцинирани како приоритет веднаш по постарите и ризичните пациенти“, најави тој.
Министерот најави и можно продолжување на годинешната туристичка сезона.
Како што очекува, „од септември, проблемот со вакцинацијата ќе биде решен и ќе има големо туристичко побарување“. Некои ќе сакаат да дојдат во октомври или ноември, за што Грција веќе се подготвува.
Говорејќи за германскиот „Velt“, Теохарис истакнал дека во поглед на слободата на движење на туристите во Грција „нема да има дискриминација кон посетителите кои не се вакцинирани. На сите чуѓе ќе им биде дозволено да патуваат“ по Грција.
За германскиот весник Теохарис, тој исто така рече дека Германците се на прво место за грчкиот туризам! „Но, Велика Британија будно ве следи“.
Министерот рече дека „германските туристи не мора да се вакцинираат за да го поминат својот одмор во Грција“, туку дека „доволен им е негативен тест за вирусот корона“.
Во интервју за шпанскиот весник „Ел Мундо“, одговарајќи на прашањето за категориите на посетители на кои Грција им се обраќа како приоритет пред летото, министерот ги посочи туристите „пред се од Германија и Велика Британија, додека Франција, Италија, Русија, САД и балканските земји се вторите главни пазари за нашиот туристички сектор“.
