Објекти на одбраната без кров, Македонија во 2025 година го добива првиот систем за противвоздушна одбрана

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Кров речиси и да нема, па вработените со најлон и сопствен изум направиле водата да ја собираат во леген. Ваква е сликата од армискиот објект во Кочани. Ништо не е поразлично ниту во Куманово, Кратово и Крива Паланка.

„Таму за жал тече од сите страни крововите се скршени, има непријатни услови за работа но тоа се наши капацитети, на сите вас, на сите граѓани, недај боже тие секогаш треба да во функција“, вели Мисајловски.

Министерот за одбрана Владо Мисајловски на брифинг со новинарите рече дека најголем товар е набавката на осум хеликоптери „Леонардо“. Следниот месец ќе треба да се платат 35 милиони евра.

„Ако ви кажам дека во процес на избори се правеле пренамени, ако во процес на избори се буткале многу работи само за да се склучи овој договор мислам дека некои институции треба да го погледнат детало, а тука мислам на ДКСК“, рече Мисајловски.

Досега, пред изборите исплатен е само авансот од 39 милиони евра. Мисјаловски тврди дека после тоа не се преземале никакви активности.

„За жал ќе констатирам тука дека техничкиот аранжман кој е потпишан меѓу министрите не е заверен во министерството и тоа е еден вака проблем што мора да најдеме начин како тоа правно да го затвориме, а од друга страна да продолжиме со онаа прва конференција со компанијата за потоа да продолжиме ефективно да работиме“, кажа министерот за одбрана.

По промената на администрацијата на САД, во 2025-та ќе се дискутира и дали е потребно зголемување на процентот кој се одделува од БДП за Армијата.

„И ќе биде навистина тешко да се одвојуваат дополнителни средства од секоја земја за во делот на одбраната“, изјави Мисајловки.

Во 2025-та фокус ќе биде и Првата пешадиска бригада, бидејќи во 2026-та претстои оценувањето од НАТО: Дали стандардите на Алијансата се втемелени во нашата Армија.

„Јас можам да ве убедам дека максимално работиме и ќе исполниме се и ќе бидеме оценети со највисоки оцени поготово во делот лесната пешадиска баталјонска група каде таму е фокусот“, вели Мисајловски.

До крајот на следната година Македонија треба да го добие и својот прв систем за противвоздушна одбрана, а за модернизација предвидени се дополнителни 18 милиони евра. По основ на тужби од вработени, министерството треба да исплати 6 милиони евра. Следната година Армијата ќе се подмлади со 300 нови војници.