Обвинението ги открива пропустите на 13 полицајци: Не ја спречиле пиротехниката во „Пулс“ и не овозможиле безбеден излез

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Обвинението кое БИРН го доби од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, ја лоцира одговорноста кај 13 полицајци затоа што не постапиле според усвоениот план за акциска контрола во дискотеката, на кобниот 16 март 2025 за време на големиот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани.

Планот бил одобрен два дена пред трагедијата. Обвинителката Алексова Трајчева ги обвинува полицајците дека планот бил одобрен без да се спроведат сите неопходни проверки кои се во надлежност на МВР.

Началник на СВР Штип и на ОВР Кочани, главен инспектор за прекуграничен криминал, инспектори за дрога и за оружје, сменоводители, водачи на реон во Кочани се само дел од полицајците кои треба да седнат на обвинителна клупа.

Полицајци од Пробиштип и Кочани биле испратени во 2 часот по полноќ да направат акциска контрола, а други обвинети не им дале „конкретни насоки како да постапуваат внатре во кабарето ‘Пулс’“.

Девет полицајци влегле во дискотеката околу десетина минути пред да настане пожарот. Сите заедно со колегата Тоше Тодоровски кој почина во пожарот, не презеле мерки да ги откријат прекршоците и другите кривични дела за кои е надлежна полицијата, односно не го спречиле активирањето на пиротехниката во моментов кога ја вршеле контролата.

Според обвинението, полицајците не направиле „процена и управување со ризик“, како што им налагаат стандардните оперативни процедури кога постои ризик по јавниот ред и мир и каде што има поголемо учество на полицијата.

Исто така на смртноста влијаела и преголемиот број на посетители кои пробувале да излезат со масовно туркање. Обвинетите полицајци, како што пишува во обвинителниот акт, не презеле ништо со што би овозможиле побрз и побезбеден излез на присутните во дискотеката.

Едниот од овие 13 полицајци е обвинет и во друго обвинение со двајца колеги, зашто прекршоците за „Пулс“ ги впишувале на неактивната фирма.

Покрај овие две обвиненија, на 25 март почнува судењето за злоупотреба на службената положба и овластување за деветмина полицајци.

Извор: ПРИЗМА.МК