Обвинителството ја шири истрагата: „Дали родителите му го дале автомобилот на Васил иако нема дозвола?!“

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Обвинителството ја шири истрагата за смртта на 22-годишната Фросина Кулакова. Покрај возачот, се испитуваат и активностите на неговите родители. Возилото кое го управувал 20-годишниот Васил е во сопственост на неговиот татко и сега главно прашање за обвинителите е дали родителите му го дале клучот од автомобилот.

„Ставање средство на располагање на нивно дете, коешто во моментот сега не е малолетно, но средството за располагање е битно зашто тој нема дозвола. Тоа е нешто што во моментот се влече како можеби некаква одговорност, којашто ќе треба да се утврди, тоа е умислено постапување“, изјави Гаврил Бубевски, ОЈО Скопје.

Според Обвинителството, ако наводите се потврдат, тогаш родителите би можеле да бидат гонети за давање средство, односно возилото, со кое се предизвикала општа опасност. Во меѓувреме, веќе се потврдени околностите за кобната сообраќајка, а контактирани се и вештаци и Судската медицина од каде се очекува наод. Возачот Васил се истражува за умислено постапување, со што предизвикал тешки дело против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот.

„Она што досега е утврдено, тоа е поминувањето на црвено светло, недозволена брзина, промили на алкохол во крвта… пешачкиот премин, тоа е се една кумулација којашто не остава некоја дилема посебна“, изјави Гаврил Бубевски, ОЈО Скопје.

За утврдувањето на евентуална одговорност кај родителите Обвинителството издало наредби до МВР. Според информациите, таткото на Васил е високопозиционирано лице во Армијата, додека пак мајката работела во телекомуникацискиот сектор. Од МВР засега нема одговор дали двајцата се повикани на разговор во полицијата.