Од 1 декември субвенционирана струја – задолжително намалување на цените на прехранбените производи

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Компаниите од прехранбениот сектор, училиштата но и јавните претпријатија кои што се пријавија на повикот од Владата, од први декември ќе добиваат субвенционирана електрична енергија. Иако претходно фирмите бараа пониска електрична енергија, сепак бројката на пријавените не е толку голема и таа изнесува 235 фирми. Производителите на основни прехранбени производи ќе се снабдуваат со струја по цена од 80 евра за мегават час, но имаат должност и да ги намалат цените. Сепак ова не значи дека и другите фирми кои не се пријавиле за повластена цена, ќе немаат обврска да ги намалат цените на прехранбените производи. Министерот за економија Крешник Бектеши најави и инспекциски контроли.

„Од први декември ако нема намалување на цените согласно компонентата или пак инпутот на електрична енергија се знае какви одлуки ќе се носат од страна на Владата. Има закон за трговија, може да донесеме мерки во време на криза со предлог на Министерството за економија и замрзнување на цени, утврдување на маржи и слично. Значи кажав јас ние листите ги имаме Државен пазарен инспекторат врши соодветни контроли, веќе има тренд на намалување на одредени производи“, вели Крешник Бектеши.

Од вкупно 474 за субвенционирана струја се пријавиле 233 основни и средни училишта, потоа 50 јавни претпријатија. За училиштата како и дел од јавните претпријатија цената на електричната енергија ќе изнесува 95 евра за мегават час. На повикот имало и градоначалници кои побарале субвенционирање на електричната енергија на општинските згради. Премиерот Димитар Ковачевски револтиран од општините, апелираше да не се злоупотребува мерката.

„Овие мерки не се за удопство ниту на државна администрација, ниту на општинска администрација. Овие мерки не се за да некој седи по канцеларии, си вари кафиња, си држи состаноци и со чита весници. Значи овие мерки се за граѓаните. Овие мерки не се за некој во време на криза ужива во удопство а друг да не може да сврзе крај со крај“, додава Димитар Ковачевски.

Мерките на Владата, како што беше речено имаат за цел да се спречи растот на цените на основните прехранбени производи, да се одржи сигурност во снабдувањето со вода и да се обезбеди електрична енергија за училиштата.