Од 1 јануари Газпром ја прекинува испораката на гас за Молдавија

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Рускиот енергетски гигант Газпром во саботата објави дека ќе го прекине извозот на гас во Молдавија од 1 јануари 2025 година, откако Молдавија не го исполни својот долг.

Гаспром изјави дека има право да го раскине договорот за набавка со Молдавија.

Овој потег доаѓа во пресрет на целосното суспендирање на извозот на руски гас преку Украина во Европа, каде што тој тече кон Словачка, Австрија, Унгарија и Италија, по истекот на постојниот транзитен договор со Украина на 31 декември. Најпогодена од оваа суспензија ќе биде Молдавија.

Молдавскиот премиер Дорин Речеан ја осуди одлуката на Русија, велејќи дека жителите ќе останат без струја и греење.

Во објава на Фејсбук, тој ја обвини Русија дека ја користи енергијата како оружје и најави дека Молдавија ќе ги разгледа правните лекови, вклучително и меѓународната арбитража.

Русија, која е критична кон прозападната влада во Кишињев, бара Молдавија да го плати долгот за минати испораки, кој според руските пресметки изнесува 709 милиони долари, а Молдавија тврди дека должи 8,6 милиони.

Русија преку Украина ја снабдува Молдавија со околу две милијарди кубни метри гас годишно. Гасот се доставува до отцепениот регион Придњестровје, кој го користи гасот за производство на евтина енергија што ја продава на остатокот од Молдавија.

Два и пол милиони Молдавци се подготвуваат за долги прекини на струјата откако Киев соопшти дека нема да го продолжи транзитниот договор со Гаспром.