Од денес официјално стапија во сила законските измени со кои се воведуваат построги правила за користење на електричните тротинети. Една од главните промени е новата старосна граница. Со електричен тротинет отсега ќе може да управува само лице кое наполнило 18 години. Досега тоа беше дозволено за лица постари од 14 години. Законот воведува и нови ограничувања на брзината. На велосипедските патеки и ленти, максимално дозволената брзина е 20 километри на час. Додека на тротоари, пешачки патеки и мешани патеки, возачите не смеат да се движат побрзо од 6 километри на час. Друго важно правило се однесува на преминувањето на улица. Доколку нема велосипедска патека или лента, возачот е должен да се симне од тротинетот и да го турка додека поминува преку пешачки премин. Измените исто така забрануваат превоз на друго лице на електричен тротинет. При прекршување на ова правило, со глоба ќе се соочат и возачот и патникот. Од денес носењето заштитна кацига станува задолжително за сите возачи на електрични тротинети. Исто така, останува во сила обврската за носење рефлектирачки елек при движење ноќе или во услови на намалена видливост.
