Повеќе од половина година, 116 лица со дијабетес се борат за да обезбедат глукомери, ленти и терапија за болеста. Од Сојузот на здруженијата на пациентите со дијабетес, велат дека постојано им се ветува, но во пракса се потешко имаат пристап до терапија и чекаат со месеци. Доколку за две недели не се реши проблемот, најавуваат дека сите пациенти ќе излезат пред Влада.
Поради тоа што институциите не преземаат ништо, пациентите, меѓу кои има и деца, чекаат со месеци за терапија, и затоа се помагаат меѓусебно.
Министерот за здравство, Фатмир Меџити, вели дека се залага за долгорочно решение и дека доцнењата се прават поради процедурите за тендер.
„Доцнат тендерите, јас не можам да кажам дека не сум виновен, јас сум министер четири месеци и работам за тоа, имаме доцнења во јавните набавки и тендерите, не знам зошто тоа било така, но ги преземавме сите мерки истото да не се случи повеќе“, вели Фатмир Меџити.
Од Сојузот на дијабетичари доставија 5 барања до Министерството за здравство со цел подобрување на дистрибуцијата на терапијата за дијабетес.
