Од една страна оставка од друга огномет – Заев: Не мислам дека треба да има вонредни парламентарни избори

НАЈНОВИ ВЕСТИ

„Јас ја преземам одговорноста врз себе за лошите резултати од овие избори за сите нас прогресивните сили за да можат токму тие прогресивни сили да опстојат и да продолжат да се борат за прогресот за Северна Македонија. Оставката ја поднесувам и од премиер и од претседател на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија“, истакна Зоран Заев.

Во моментот кога премиерот Заев ја поднесуваше оставката и на премиерската и на лидерската позиција во СДСМ, се слушаше огнометот кој доаѓаше од прославата пред седиштето на ВМРО-ДПМНЕ. Само неколку минути пред тоа претседателот на партијата Христијан Мицкоски го повика Заев да си поднесе оставка.

„Тоа е и мојот совет до него и тоа е она што го очекува македонскиот народ, односно граѓаните на Република Македонија. Ова да биде практично негово заминување од политиката. Не затоа што Христијан сака или затоа што било кој од нас тука во ВМРО-ДПМНЕ или во опозицијата сака. Народот испрати јасна порака“, истакна Христијан Мицкоски.

Но, оставката на Заев нема да значат и предвремени избори.

„Останувам на ставот дека не треба да има вонредни парламентарни избори. Претстојат одлични и неповторливи две и пол години за работа и економски успеси од кои корист ќе има целиот наш народ и државата. Ќе останам периодов додека треба за да помогнат да се реорганизира нова Влада со прогресивно мнозинство кое го има и постои а може да биде и уште зголемено“, вели Зоран Заев.

По неговата изјава Заев и не остави простор за новинарски прашања и веднаш си заминат. Со оставката на лидерската позиција на СДСМ, партијата ќе треба да избере нов претседател. Додека со оставката на премиерската позиција паѓа и цела Влада. Уставните и законските процедури налагаат дека тој за ова треба писмено да го извести  Собранието односно претседателот Талат Џафери. Натаму процедурите се исти како и при состав на нова влада по завршување на изборите.