Од каде потекнува прстенот? Од вселената пристигнаа необични фотографии на друга планета

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Вселенскиот телескоп Џејмс Веб на НАСА уште еднаш ги покажа своите способности, но овој пат во соседството со првите фотографии од Нептун. Не само што ја сними досега најјасната фотографија од нашиот далечен сосед, туку и камерите на телескопот го открија ледениот џин во сосема ново светло.

Најзабележителни на новите фотографии се прстените на планетата.

Тие не беа видливи на старите слики на Нептун, иако некои првпат беа забележани од Војаџер 2 во 1989 година. Освен неколку светли, други побледи прстени можат да се видат околу Нептун.

„Поминаа повеќе од три децении откако последен пат ги видовме овие прстени“, вели Хајди Хамел, експерт за Нептун од тимот на телескопот Џејмс Веб.

На претходните фотографии направени од телескопот „Хабл“, Нептун се појави во сина боја, поради метанот во атмосферата.

Како и да е, блиските инфрацрвени бранови должини на светлината собрани од инструментите на Веб ја покажуваат планетата во сиво-бела боја и бели ледени облаци.

„Прстените рефлектираат многу повеќе светлина во инфрацрвениот спектар. Затоа тие се многу позабележителни“, истакнува Марк Мекфарен, виш советник за наука и истражување во Европската вселенска агенција.

Она што е исто така забележливо, а претходно го немало, е белузлавата површина на врвот на планетата. Бидејќи Нептун е „наведнат“ од Земјата и потребни се 164 години за да го обиколи Сонцето, астрономите досега немаа можност добро да го погледнат неговиот северен пол.

„Џејмс Веб“ забележа седум од 14-те познати сателити на Нептун – Галатеа, Најад, Таласа, Деспина, Протеус, Лариса, а Тритон е најсветлиот во горниот дел од фотографијата.